Пронајдена марихуана кај тројца граѓани

При извршена контрола, кај тројца граѓани во Скопје била пронајдена марихуана. Кај дваесет и едногодишниот П.Ш. од Скопје, при извршен преглед, била пронајдена марихуана. Исто така, кај лицата Г.Г. (40) и М.М. (31), двајцата од Скопје, биле пронајдени марихуана и прашкеста материја. По документирање на случаите, за тројцата ќе биде поднесена соодветна пријава.

Прегазени пешаци во Скопје и во Битола

Патничко возило со битолски регистарски таблички „рено меган“, управувано од Ф.Т. (27), на 22 јануари, во осум часот утрината, удрило во двајца пешаци на возраст од 65 и 63 години. Инцидентот се случил на улицата Македонски гемиџии во Битола. Во незгодата пешаците добиле тешки телесни повреди, по што биле пренесени во Клиничката болница – Битола, за укажување лекарска помош. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР-Битола.
На излез од подземен паркинг на трговскиот центар „Капиштец“, на сервисната улица што ги поврзува улиците Народен фронт и Васил Ѓорѓов во Скопје, едно возило удрило во осумдесетгодишната Е.Р., која добила тешки телесни повреди. Возачот избегал од местото на незгодата, а повредената била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“, за укажување лекарска помош. Извршен бил увид од екипа на СВР-Скопје.

Управувал возило без возачка дозвола

На подрачјето на Секторот за внатрешни работи во Скопје, едно лице било исклучено од сообраќај затоа што управувало во возило без да се стекне со право на управување моторно возило, а уште едно возило било исклучено од сообраќај бидејќи било нерегистрирано. Во текот на денот, 56 возила биле подигнати од пајак-службата. Казнети биле и двајца пешаци, затоа што поминувале улица каде што немало обележено пешачки премин.

Двајца каснати од кучиња скитници

Во полициската станица во Аеродром, триесет и тригодишниот В.Г. од Крива Паланка пријавил дека бил каснат од куче скитник во пределот на левата потколеница, во близината на железничкиот надвозник.
Исто така, во полициската станица во Чаир, лицето И.Л. (63) од Скопје, пријавило дека било каснато од куче скитник во пределот на левата натколеница. Инцидентот се случил на улицата Ѓоре Ѓоревски.