Одлуката на Апелациониот суд во Скопје да го пушти од притвор Сашо Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите, порача министерот за правда Бојан Маричиќ преку неговата официјална фејсбук-страница.

– Потсетувам дека Мијалков беше лице под реален ризик за бегство и повод за настани кои ја вознемирија целата македонска јавност. Судиите на Апелациониот суд во Скопје Ѓоко Ристов и Енвер Беџети кои ја донесоа оваа одлука треба да ѝ објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по кој основ судиите ја донеле оваа одлука – наведено е во реакцијата на Маричиќ.

Апелацискиот суд во Скопје ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков по што тој ќе излезе од притвор, потврдиле од судот за емисијата „360 степени“. Мијалков издржува мерка притвор во предметот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на 8 години затвор.