Министерот за правда, Бојан Маричиќ, очекува праведна одлука на повисоките судови во врска со случајот во кој Основниот суд во Охрид пресудил возачот што лани предизвика сообраќајна несреќа на патот Охрид – Пештани, во која загинаа две момчиња, а три нивни другарки беа тешко повредени, да добие само условна затворска казна од четири години и глоба од приближно 3.000 евра.

Маричиќ очекува Судскиот совет будно да го следи целиот случај.
„Како министер за правда, но, пред сѐ, како човек и родител, не можам да бидам рамнодушен по одлуката на судот, кој пресуди условна казна за сообраќајната несреќс во Охрид, во која две момчиња починаа, а три девојки беа тешко повредени. Очекувам праведна одлука на повисоките судови, а Судскиот совет будно да го следи целиот случај“, напиша министерот за правда на својот фејсбук-профил.

Изминатиов период во јавноста од лица блиски на загинатите момчиња излегоа информации дека на 20 октомври годинава Основниот суд во Охрид ја донел пресудата за условна казна и за глоба, иако, како што нагласуваат тие, лицето што ја предизвикало несреќата возело со брзина двојно поголема од дозволената.