Фото: Принт-скрин

„Диво Насеље“, „Монструм“, „Алфа“ и „Малиот Алмир“ се меѓу судските случаи ставени во договорот што го потпишаа лидерот на СДСМ Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши, потврди министерот за правда Бојан Маричиќ во вечерашното гостување во „Клик Плус“ на ТВ21. Тој нагласи дека со спогодбата не може да се влијае на посочените случаи. Како дел од договорот за влегување на Алтернатива во Владата беше посочено и барањето за меѓународна истрага и експертиза за судските пресуди.

– Колку што знам, тие се случаите кои биле дискутирани и кои се ставени во договорот на лидерите на двете партии. Логично е што предизвикаа голем број на реакции, и кога ќе влеземе во суштината ќе видиме дека со овој договор не може да се влијае на тие случаи. Нема јавноста простор за загриженост дека политичките фактори, дека власта ќе се меша во исходот или одлуките. Претходно сме имале ситуации кога политички партии барале мониторинг, сме имале ситуации и на барање на ВМРО-ДПМНЕ, кога се преговараше Законот за Јавно обвинителство, Владата побара мониторинг за случаите за висока корупција – истакна Маричиќ.

Министерот посочи дека Владата веќе побарала од ЕУ да прави некој вид мониторинг, што почнал во јули, при што набљудувани се 20 случаи.