Четириесет и тригодишен жител на Тетово во четвртокот во полиција пријавил дека малолетници кои ги пресретнал на пат кон селото Мерово му впериле пиштол.

Околу 16 часот дента со товарно возило со тетовски регистерски таблици се движел по локалниот пат за тетовското село Мерово, по што наишол на три непознати малолетни лица и кога малку подзапрел, мислејќи дека им треба некаква помош, едното од нив извадило пиштол и го вперило кон него. Возачот исплашен, наеднаш ја зголемил брзината и се оддалечил од местото.

– По пријавата набрзо, трите лица инволвирани во настанот се идентификувани, а две од нив на возраст од 16 и нецели 18 години, лишени се од слобода во присуство на нивни најблиски. Од едниот малолетник, одземен е гасен пиштол „Екол магнум“ калибар 9 милиметри со празна рамка – соопшти денес СВР Тетово.

Од таму велат дека се преземаат мерки и активности за целосно расветлување на сите поединости поврзани со случајот, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.

А.С.