Фото: Игор Бансколиев

Од компанијата „Макстил“ каде синоќа беше запалено отпадно железо денеска информираа дека причините за пожарот се уште не се познати бидејќи погонот Челичарница не работи од 29 април.

Во соопштението се наведува дека пожарот е изгаснат и оти се преземаат мерки за утврдување на причините за негово настанување. 

– Нема повредени и нема причинета материјална штета. На терен од сношти се инспекциските служби и раководството на компанијата. Сите дополнителни информации во врска со настанот ќе и бидат соопштени на јавноста – се вели во соопштението.

Пожарот избувна синоќа, а во неговото гаснење учествуваа 21 пожарникар со девет возила, но поради високата температура и густиот чад дополнително биле побарани три цистерни со вода од Комунална хигиена, три цистери од Водовод и едно противпожарно возило од рафинеријата „ОКТА“.