Фото: Принт-скрин

Македонија ќе даде помош за обезбедување документација, идентификување на настраданите и се она што е потребно во истражувањето на несреќата, истакна главниот јавен обвинител Љубомир Јовески од местото на сообраќајната несреќа во Бугарија.

– Јас сум задоволен од досегашната соработка со бугарското обвинителство и верувам дека професионално ќе ги разјаснат сите околности во овој настан – кажа Јовески.

Надлежните бугарски служби моментно земаат изјави од сведоци кои се нашле на местото на настанот, со што бугарските обвинители истакнаа дека работат на сите верзии за несреќата, одговарајќи на новинарски прашања. Тие посочија дека сите експерти ќе бидат обезбедени од бугарска страна, додека Македонија нема да спроведува дополнителна истрага.

Шефицата на Одделот за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, изјави дека сопственикот на превозната фирма се наоѓа на местото на настанот.

– Сопственикот кажа дека 20 години има транспортна фирма и досега немале никаков инцидент. Но, ќе ја обезбедиме целокупната документација за сите автобуси, односно кога се регистрирани и кога биле на технички преглед и ќе ги препратиме до бугарските колеги – истакна Русковска.

Јовески додаде дека документите за сопственост на автобусот се обезбедени и ќе бидат предадени на бугарските колеги.