Ристевски првично негираше дека ја убил својата сопруга, чии скелетни остатоци биле пронајдени осум месеци подоцна во регионален парк во Мелбурн, од двајца градинари што забележале чуден мирис

Македонецот од Мелбурн, Борче Ристевски, се изјаснил за виновен за убиство без умисла во врска со смртта на неговата сопруга Карен, во пресрет на почетокот на неговото судење во Врховниот суд, на австралиската сојузна држава Викторија, пренесуваат австралиските медиуми.

Неговата сопруга Карен Ристевски последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Мацедон во северен Мелбурн. Ристевски првично негираше дека ја убил својата сопруга, чии скелетни остатоци биле пронајдени осум месеци подоцна во регионален парк во Мелбурн, од двајца градинари што забележале чуден мирис. На погребот, Ристевски беше еден од носачите на ковчегот на својата сопруга. Подоцна беше обвинет за убиство по спроведената истрага во која беа користени уреди за слушање и анализа на видеоснимки.

Во текот на сослушувањето, во судот беа презентирани докази за честите караници на двојката Ристевски поради финансиските проблеми со семејниот бутик и долговите од стотици илјади долари. Борче и Карен се карале, пред таа, наводно, да „излезе на прошетка за да ги разбистри мислите“, утрото кога исчезнала.

За време на претходните судски сослушувања, адвокатите на Ристевски тврдеа дека обвинението за убиство треба да се напушти и побараа обвинението на биде преиначено во убиство без умисла. Правниот тим на Ристевски тврдеше дека никогаш немало насилни испади во бракот на Борче и Карен, и оти нивниот клиент немал никаква корист од убиството на сопругата. Но обвинителите силно се наметнаа и бараа обвинение за убиство, велејќи дека однесувањето на Ристевски по убиството ја откривало неговата намера. Тие велеа дека начинот на кој го скрил телото и ги излажал семејството и полицијата не се дела на човек што случајно ја убил својата сопруга. Обвинителството го повлече обвинението за убиство, откако Ристевски се изјасни за виновен, што за медиумите што го следат случајот претставува големо изненадување.