Жена од Тетово и нејзиниот сосед сексуално експлоатирале 15-годишно девојче. Тие договарале сексуални услуги на интернет и го носеле девојчето по хотели во Тетово и наплаќале за услугите.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против нив под сомнение за кривично дело трговија со дете.

Жената дознала од ќерка си дека нејзината петнаесетгодишна другарка нема татко и живее само со болна мајка во тешки семејни и материјални услови. Таа го земала девојчето во својот дом и преку интернет комуникација договарала средби и сексуално го експлоатирала детето.

-Осомничената го терала девојчето лажно да се претставува како полнолетно и го испраќала или го носела со свое возило по хотели во Тетово, каде по претходен договор за одреден паричен надомест, им овозможила на други лица да користат сексуални услуги од детето- соопштија од Обвинителството.

Второосомничениот, кој ѝ бил сосед на осомничената, иако знаел дека девојчето е малолетно и знаел за сексуалнатa злоупотреба, наместо да го пријави кривичното дело, истиот го искористил девојчето за остварување на парична заработка.

Тој го однел детето во хотел во Тетово и од клиент наплатил за сексуалните услуги.

Случајот во полиција го пријавило девојчето. На двајцата осомничени им е определен притвор од 30 денa