Со сослушување на пратеникот Хари Локвенец од СДСМ заврши денешното рочиште за случувањата од 27 април во македонското Собрание.

Тој рече дека била очигледна намерата на толпата да се насочи кон групата пратенци меѓу кои се биле Зоран Заев, Талат Џафери и Зијадин Села. 

– Обезбедувањето заедно со нашите колеги се обидуваа да ја задржат затворена врата. Откако влегоа, очигледна беше намерата на толпата да се насочи кон групата во која се наоѓаа Зоран Заев, Талат Џафери и Зијадин Села. Јас се наоѓав во другата група, што беше во левиот агол, објасни Локвенец.

Посочи дека заедно со него биле Артан Груби, Стефан Богоев и Агим Шакири и оти успеале да излезат, но добиле удари во потколениците.

– Чувството на животна загрозеност беше кај секој од нас. По час и половина интензивни контакти на Груби со полициски службеници, успеаја да не лоцираат. По 45 минути дојдоа специјалци и не спроведоа до канцеларија на Влатко Ѓорчев, рече Локвенец, упатувајќи пофални зборови за дејствувањето и однесувањето на Ѓорчев.

Претходно, сведочеше пратеничката Катерина Кузмановска, кој посочи дека била во галеријата во прес-центарот и оти видела како толпата ги удира Заев и Дамјан Манчевски и како Радмила Шекеринска ја кубат за коса.  

– Се слушаа навреди: предавници, убијте ги, нема да излезете живи, посочи Кузмановска, истакнувајќи дека луѓето што биле долу ги мавале „со што ќе стигнат“.

Следното рочиште за настаните од 27 април е закажано за 19 септември во 10 часот. Тогаш ќе бидат сослушани сведоциите Сашко Коцевски, Ферид Мухич, Курто Дудуш и новинарката Душица Мрѓа.

Обвинетите во случајот за настаните од 27 април се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.