Судот констатираше дека Бојан Јовановски нема здравствени проблеми поради кои тој не може да го следи судењето, односно истото да се одложи. Судијката го опомена Бојан Јовановски и неговиот адвокат Сашо Дуковски да не ја нарушуваат работата на судот и дека ќе ги отстрани доколку продолжат, а Јовановски возврати „Ако сакате, обесете ме”.

– Пристигна известување во врска со вчерашниот извршен преглед на обвинетиот во коешто нè известуваат дека врз основа на извештајот од дежурниот лекар нема елементи кои сугерираат дека обвинетиот не може да го следи судското рочиште. Пристигнати се и резултати каде што е наведено дека „Наодот одговора за хроничен гастрит, малигни или атипични гастритипични промени не се најдени“ – рече судијката Васка Николовска-Масевска.

Судијката ги опомена одбраната на Бојан Јовановски и обвинетиот да не ја нарушуваат работата на судот.

– Ова е веќе изживување од мене. Ова е манипулација – викна Јовановски без дозвола од судијката Васка Николовска-Масевска, која, пак, кажа „Судот заклучува дека има услови за одржување на денешната расправа”.

Јовановски обвини дека доколку судот не каже кои доктори се потпишале на вчерашниот наод од Клиниката за гастро, тоа значи манипулација со јавноста, а судијката Васка Николовска-Масевска возврати: „Ова се сериозни обвинувања, ќе ве отстранам од судот ако продолжите со нарушување на редот”, на што Јовановски рече „Ако сакате, обесете ме”.

Судењето продолжи.