Фото: Игор Бансколиев

На почетокот на пандемијата, кога целиот свет беше затворен во карантин, криминалните организации почнаа со онлајн измами преку интернет-продажба на разни производи поврзани со коронавирусот. Таквите производи најчесто се продаваа на интернет-страници на конвенционален, вообичаен начин, но некои нудеа дури и плаќање со биткоини

ДРЖАВИТЕ ТЕШКО СЕ СПРАВУВААТ СО ПАНДЕМИЈАТА, А УШТЕ ПОТЕШКО СО КОРОНА-КРИМИНАЛОТ

Несоборлив факт е дека коронавирусот придонесе за голем број креативни криминални идеи, со чија помош криминалците успешно обезбедија нелегална заработка на сметка на здравјето на илјадници лица, кои, во обид да обезбедат заштита за сопственото здравје, преку интернет и разни нелегални препродавачи, купуваа разни додатоци во исхраната, лекови, витамини, ПЦР-тестови. Сепак, изминатиот период целата оваа криминална матрица отиде предалеку. Криминалните групи и организации веќе на црните пазари пласираа вакцини што наводно штитат од коронавирусот.

ИНТЕРПОЛ: НЕ ПОТПАЃАЈТЕ ПОД СУГЕСТИЈАТА НА КРИМИНАЛНИТЕ УМОВИ

На крајот на минатата година, Интерпол објави портокалово предупредување, со кое им се уважуваше на државите низ светот дека криминалните групи веќе почнале да работат на илегална продажба на лажни вакцини против ковид-19. Овие вакцини што се продаваат на црниот пазар може да предизвикаат сериозни нарушувања на здравјето на оние што би ги примиле. Таквите производи ниту се тестирани ниту, пак, се безбедни.
Доволно е граѓаните да знаат дека легалните и оние вакцини што се за масовна употреба, всушност, не можат да се купат никаде, а секој што ќе успее да купи вакцина, своите пари им ги дал на криминални групи.
– Уште од самиот почеток на корона-кризата, криминалците го искористија стравот на луѓето за да заработат брзи пари. Лажните вакцини се последни во низата многубројни производи и токму затоа Интерпол ја предупредува јавноста да биде претпазлива – истакна Јирген Сток, генерален секретар на Интерпол.
Како што истакна тој, овие криминални мрежи имаат амбиции на глобално ниво.
– Ниту една земја и регион не може да се справат и да се изборат со овој вид криминал – истакна тој.
Македонските власти уште тогаш истакнаа дека предупредувањето е проследено до надлежните служби.
– Глобалното предупредување на Интерпол за заканата од организиран криминал со вакцини против грип и ковид-19, како и портокаловата објава/потерница на Интерпол, во која се содржани потенцијалните криминални активности во врска со фалсификување, кражба и незаконско рекламирање на вакцини против грип и ковид-19, Интерпол-Скопје ги доби од страна на Генералниот секретаријат и ги проследи до надлежните институции и сектори. Министерството за внатрешни работи континуирано ќе ја следи состојбата – истакнаа од Министерството за внатрешни работи.
Досега имаше голем број измами поврзани со коронавирусот. Многу држави наседнаа на лажни фирми што продаваа заштитни маски, а во земјава беше реализирана и кражба на заштитни маски од една од болниците.

ОНЛАЈН ИЗМАМИТЕ СЀ УШТЕ ВО ПОЛН ЕК

На почетокот на пандемијата, кога целиот свет беше затворен во карантин, криминалните организации почнаа со онлајн измами преку интернет-продажба на разни производи поврзани со коронавирусот. Таквите производи најчесто се продаваа на интернет-страници, кои нудеа дури и плаќање со биткоини и други методи преку платежни картички.
– Користејќи ги познатите брендови на фармацевтските компании што ги произведуваа вакцините, лажните интернет-страници беа осомничени дека вршеле и сајбер-напади на овие компании – наведено е на интернет-страницата на Интерпол.
Во декември 2020 година беа откриени две интернет-страници што лажно објавувале за развојот на вакцините, за да собираат податоци за индивидуалците што ги посетувале овие интернет-страници.
Сајбер-напади беа реализирани и на болници, лаборатории, локални влади, а за ослободување на интернет-страниците криминалните групи бараа уплаќање одредени износи.

ДА НЕ БИДЕМЕ ДЕЛ ОД ГЛОБАЛНИОТ ПРОБЛЕМ НА ФАЛСИФИКУВАНИ ВАКЦИНИ

Во февруари беа запленети околу 2.400 дози фалсификувани вакцини во Јужна Африка, додека пак во Кина беше разбиена мрежа на шверцери на вакцини.
– Јужноафриканските власти запленија стотици дози фалсификувани вакцини против ковид-19 по дојава на Интерпол, со предупредување дека вакцините им се омилена цел на криминалните мрежи – истакнаа во соопштение до јавноста од Интерпол.
Во акцијата беа уапсени тројца кинески државјани и еден Замбиец, а во провинцијата Гаутенг, каде што е спроведена акцијата беше откриено и големо количество фалсификувани маски.
Интерпол исто така интервенирал и во Кина, каде што полицијата открила мрежа за продажба на лажни вакцини против ковид-19 и упаднала во производствен погон, приведувајќи 80 осомничени и запленувајќи над 3.000 дози лажни вакцини.
– Иако сме задоволни од овој исход, ова е само врвот на ледениот брег што се однесува до криминалот поврзан со вакцини против ковид-19 – рече генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток.

[email protected]