Фото: Игор Бансколиев

Предупредувањето следува по 60 евидентирани случаи во 40 држави во светот каде што индивидуалци вработени во министерствата за внатрешни работи и здравствените сектори добиле понуди за набавка на вакцини

ИНТЕРПОЛ ПРЕДУПРЕДУВА

Веќе е ноторен факт дека коронавирусот втора година по ред станува и плодна почва за брза и лесна заработка на криминалните организации. Злоупотребите во екот на пандемијата, од фалсификувани сертификати и тестови до лажни лекови и вакцини, станаа секојдневие. Екипата на „Нова Македонија“ во неколку наврати информира за различни модус операнди на криминалците и криминалните групи, а правеше и анализи. Криминалците инвентивно најдоа голем број начини како здравствената епидемиска криза да ја материјализираат и да ги наполнат џебовите, па, така, изминатиот период бевме сведоци на голем број лажни производи што на луѓето им се продаваа како магични еликсири за спас од смртоносниот вирус. Цел на криминалните организации беа и државите, а некои и потпаднаа во пајаковите криминални мрежи и завршија измамени и оштетени.

ГЛАСНО ГЛОБАЛНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД ИНТЕРПОЛ

Измамите со лажни ковид-вакцини пристигнаа и до државните влади. Интерпол објави глобално предупредување, бидејќи веќе се забележани обиди на криминални групи што сакаат да ги измамат државите нудејќи им лажни ковид-вакцини.
Предупредувањето следува по 60 евидентирани случаи во 40 држави во светот, каде што индивидуалци вработени во министерствата за внатрешни работи и здравствените сектори добиле понуди за набавка на вакцини во нивната држава.
Вообичаено, криминалците се претставувале како производители на вакцини или владина агенција што работи со набавка на вакцини. Измамниците целеле на професионалните и персоналните имејл-адреси на потенцијалните набавувачи во земјите, а остварувале контакт и преку телефон.
Предупредувањето на Интерпол е адресирано со сите 194 земји-членки, а е базирано на информации добиени од производителите на вакцини чии податоци биле користени, а дополнително биле користени и лажни профили од социјални мрежи и интернет-страници.
Генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток, истакна дека сајбер-криминалот, кој најчесто му се случува на приватниот сектор, важно е да се пријави во полиција, за да се идентификуваат потенцијалните линкови и поврзаност.
– Во обид побрзо да се справат со пандемијата и напорите на државите побрзо да го вакцинираат сопственото население, од витална важност е да бидат заштитени производителите на вакцините и крајните корисници – истакна тој.
Ова предупредување е последно во низата објавени од страна на Интерпол што се поврзани со кризата.
– Криминалците ја искористија секоја шанса што им ја даде корона-кризата. Почнувајќи од креирање лажни интернет-страници и профили на социјалните мрежи, каде што продаваа разна опрема и медицински производи – се вели на интернет-страницата на Интерпол.

МАКЕДОНСКИТЕ ВЛАСТИ НА ШТРЕК УШТЕ ОД МИНАТАТА ГОДИНА

Во декември минатата година првпат беше објавено предупредување од страна на Интерпол и Европол со осврт на продажбата на лажни вакцини. Истото тоа пристигна и во Македонија, како една од земјите што може да бидат измамени од страна на криминалните групи.
Уште тогаш Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи ја смирија јавноста и истакнаа дека будно ја следат состојбата.
– Глобалното предупредување на Интерпол за заканата од организиран криминал со вакцини против грип и ковид-19, како и портокаловата објава/потерница на Интерпол во која се содржани потенцијалните криминални активности во врска со фалсификување, кражба и незаконско рекламирање вакцини против грип и ковид-19, Интерпол Скопје ги доби од страна на Генералниот секретаријат и тие се проследени до надлежните институции и сектори. Министерството за внатрешни работи континуирано ќе ја следи состојбата – информираа од МВР.
Од Министерството за здравство, пак, истакнаа дека процесот на набавка ќе биде под контрола.
– Министерството за здравство на Република Северна Македонија има стандардизирана оперативна процедура за транспорт, прием, набавка, достава и чување на вакцините. Во согласност со оваа процедура, заштитени се сите засегнати страни што учествуваат во овој процес. Агенцијата за лекови има тесна соработка со повеќе институции – царинските служби и МВР, чија обврска е заштита на увозот и контрола на постапката предвидена за достава на лекови – истакнаа тогаш од Министерството.
И во Македонија беа забележани измами поврзани со заштитните маски, дури имаше и случај на кражба на маски од болница, а маски се продаваа по енормно високи цени, кои достигнуваа и повеќе од 100 денари.

[email protected]