Фото: Илустрација

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, кое лажно се претставувало како оџа и извршило полов напад врз малолетно девојче. Против него, како и против двајца други осомничени соизвршители, поведена е постапка и за измама.

– Првиот осомничен, 37-годишен жител на Кочани, во два наврата на 23 и 24 ноември во стан во Гостивар, извршил полово дејство врз дете родено 2012 година. Мајката на детето го повикала осомничениот, кој се претставил како оџа, да пее и да го лекува детето од црни магии. Осомничениот побарал да остане сам со детето жртва во собата и притоа ја принудил на други полови дејства. Оштетената од страв во првиот момент не ѝ кажала ништо на мајка си. Кога на 5 декември мајката сакала третпат да го повика осомничениот, девојчето вознемирено раскажало што му се случува по што настанот бил пријавен во полиција – соопштија од Обвинителството.

Истиот осомничен, заедно со уште двајца соизвршители од Гостивар, измамиле друга оштетена. Првопријавеното лице, во договор со другите двајца, на оштетената исто така ѝ се претставило како оџа, кој ќе ѝ помогне да ги тргне магиите од нејзината куќа. Во повеќе наврати тројцата ја убедувале дека, за да ги отстранат магиите, треба да откопуваат разни предмети од гробишта и со тоа ги влечат магиите од неа и од нејзиниот дом. За услугата ѝ наплатиле вкупно 98.000 денари. Кога почнале да се договараат за нова средба, оштетената се посомневала дека е измамена и ги пријавила.

За првопријавениот, Основното јавно обвинителство Гостивар до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, а за другите двајца осомничени се предложени мерки на претпазливост.​​