Фото: Илустрација

Повеќе кучиња, меѓу кои и расни, домашни миленици се отруени во Струга, во близина на основното училиште „Браќа Миладиновци“, според информациите од повеќемина граѓани.

За случајот е известена и Ветеринарната станица, откаде ги информирале граѓаните дека станува збор за искучително силен отров што делува смртоносно за петнаесеттина минути.

Стружани биле принудени сами ги тргаат од улица лешевите на отруените кучиња, кои умирале во маки, со пена на устата, според очевидците. Во меѓувреме побаравме информација од полицијата, откаде што истакнаа дека засега е пријавен само еден случај.

– Засега е пријавен само еден случај од страна на граѓанин кој забележал куче-скитник со пена на устата, во близина на станбена зграда. Негова лична забелешка е оти кучето било отруено – ни изјави Стефан Димоски, портпаролот на СВР Охрид.

„Нова Македонија“ дојде во посед на фотографии од Струга, но поради нивната вознемирувачка содржина одлучи засега да не ги објави. М.Ж.