Фото: Маја Јаневска-Илиева

Овој облик на криминал го уништува културното наследство на земјава, пустошејќи не само археолошки наоѓалишта туку и манастири и цркви од каде што се крадат вредни икони и други скапоцени предмети. Така, со извршувањето на ваквиот криминал се нанесува повеќеслојна општествена штета: не само финансиска туку и духовна, идентитетска, при што се кинат врските со минатото, со сведоштвата и доказите за континуитетот на живеењето и постоењето на нашиот народ на овој простор, на постоењето засебен македонски јазик, култура и историја…

ИЛЕГАЛНА ТРГОВИЈА СО КУЛТУРНО-ИСТОРИСКИ ДОБРА И НАСЛЕДСТВО

Илегалната трговија со културни добра, во кои спаѓаат разни артефакти, злато, накит, икони, уметнички дела и разни предмети со големо историско значење, е еден од најраспространетите црни бизниси што царува на Стариот Континент, но и во светот. Бизнисот на црно со вакви значајни историски артефакти е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат државите, бидејќи во овој случај директно се тргува со предмети од голема вредност за самите држави, односно за нивната историја и културно наследство. Токму затоа и соочувањето со криминалците што се занимаваат со овој „бизнис“ и нивното изведување пред очите на правдата е еден од најголемите предизвици за полициските власти во светот.

ОСУМЧЛЕНА КРИМИНАЛНА ГРУПА ОСОМНИЧЕНА ЗА НЕДОЗВОЛЕНА ТРГОВИЈА СО КУЛТУРНИ ДОБРА

Македонија е една од земјите што имаат сериозен проблем со илегалната трговија од областа на културното наследство. Како и секој вид криминал така и овој, многу години го уништува културното наследство на земјава, пустошејќи не само археолошки наоѓалишта туку и манастири и цркви од каде што на големо се крадат икони и други вредни предмети. Не се поштедени ниту благородните метали со кои е богата земјава, бидејќи криминалците и нив се обидуваат да ги препродаваат за да заработат на црниот пазар.
Неодамна, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал во координација со СВР-Битола и СВР-Тетово, под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по повеќемесечно криминалистичко истражување спроведе координирана полициска акција, при што е сузбиена осумчлена организирана криминална група, која подолг временски период била инволвирана во вршење кривични дела од областа на недозволена трговија со културни добра.
– Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културното наследство при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против К.Т. (71) и Д.Р. (60) од Битола, за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ (чл. 394 ст. 1), „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл. 265 ст. 1), „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл. 266 ст. 2 в.в. со ст.1), „прикривање“ (чл. 261 ст. 3 в.в. со ст. 1 и 2) и „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл. 264 ст. 2), додека против З.Т. (48), Н.Л. (43), С.К. (63), Ѓ. П. (65), П.М. (48), сите од Битола, и Б.К. (53) од Тетово за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ (чл. 394 ст. 2), „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл. 265 ст. 1), „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл. 266 ст. 2 в.в. со ст. 1), „прикривање“ (чл. 261 ст. 3 в.в. со ст. 1 и 2) и „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл. 264 ст. 2) од Кривичниот законик.

При извршените претреси, кај Д.Р. се пронајдени две ловни пушки со патрони, а кај Б.К. пиштол, поради што кривично се пријавени и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ (чл. 396 ст. 1) од КЗ.
Во периодот од мај 2020 г., К.Т. и Д.Р. со цел стекнување противправна имотна корист, присвојување и изнесување во странство предмети што претставуваат добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, создале злосторничко здружение во кое како членови, континуирано или повремено, партиципирале преостанатите шестмина приведени – информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според соопштението, во своите активности, тие соработувале и со лица во Грција, Албанија и од Хрватска во врска со продажба и изнесување во странство археолошки предмети, природни реткости и благородни метали, пронајдени од нивна страна и посредувале при продажба и изнесување во странство на предмети што претставуваат добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости пронајдени од други лица.
Постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории издадени од судија за претходна постапка, на 30.9.2021 година се извршени претреси во дом и други простории на вкупно десет локации (девет на подрачјето на Битола и една на подрачјето на Тетово), при што од слобода се лишени и приведени осумте лица.
– При извршените претреси се пронајдени и одземени метал-детектори, стари монети, поголем број археолошки предмети во разни форми и димензии од метал, камен и глина, виолина со неидентификуван временски период на производство и потекло, скици, мапи, возило, лаптопи, мобилни телефони, две ловни пушки со патрони, пиштол и други предмети – се вели во соопштението на МВР.

СИЛЕН ПРЕДИЗВИК И ЗА ИНТЕРПОЛ

Минатата година и Интерпол реализира голема акција против илегалната трговија со културно наследство.
На почетокот на мај минатата година, кога всушност и се вжешти целокупната состојба со коронавирусот, Интерпол спроведе акција што резултира со откривање и запленување повеќе од 19 илјади археолошки артефакти и други уметнички дела, а приведе 101 осомничено лице. Во овој случај предметите беа од завојуваните земји, односно предмети украдени од музеи и од археолошки локалитети.
Во акцијата, авганистанската царина заплени 971 предмет на аеродромот во Кабул, во момент кога тие биле подготвени да бидат пренесени во Истанбул. Шпанската полиција, пак, заедно со полицијата од Колумбија, откри многу вредни колумбиски предмети, меѓу кои имаше и златни маски и неколку златни статуи и антички накит.
Полициски службеници од шест држави открија метални детектори, со што се докажа дека нелегалниот лов на богатство во Европа го достигнува својот врв.
Според анализите на Интерпол, криминалците и криминалните организации најчесто крадат културни вредности од конфликтните зони, но тоа не значи дека во другите земји нема таков криминал.
– Во изминатата декада во светот значително порасна деструкцијата на културното богатство во воените зони. Сето тоа беше проследено со организирани акции за крадење на културните богатства, илегална трговија и продажба на предмети што се дел од културната историја и идентитетот на земјите – стои во соопштението на Интерпол.
На нишан на крадците се и вредностите што се наоѓаат под вода, како што се споменици, остатоци од бродови и артефакти што биле под вода стотици години. Голем интерес за криминалните организации што се занимаваат со крадење и илегална продажба на предмети од културно значење се и лажните предмети, кои забележително го преплавуваат нелегалниот пазар. Лажни уметнички дела и други предмети постојано се запленуваат од страна на полициите.

[email protected]