Фото: Маја Јаневска-Илиева

Феноменот со лажните тестови за утврдување на инфекцијата од ковид-19, освен во Македонија, е проблем и во странство каде што исто така се фалсификуваат медицински документи, а доказ за тоа се и информациите од меѓународните институции

ЦВЕТА БИЗНИСОТ СО ЛАЖНИ ПЦР-ТЕСТОВИ И СЕРТИФИКАТИ

Ако претходно лажните негативни ПЦР-тестови се користеа исклучиво за влез во одредена држава, која изрично бараше тестирани и негативни лица да влезат во одредената земја, сега негативни тестови се бараат за влез насекаде, не само кај нас во земјава туку и во светот. Токму затоа ако пред помалку од една година набавката на лажни ковид-тестови беше исклучиво за патување, сега криминалците тријат раце затоа што буквално им процвета бизнисот, бидејќи оние што не се вакцинирани, за да влезат некаде мора да приложат негативен тест.

ЛАЖНИ ПЦР-ТЕСТОВИ СЕ ПРОДАВААТ КАКО АЛВА

На големо е зголемена криминалната понуда на лажни ПЦР-тестови за ковид-19. Тоа го покажува и статистиката на Министерството за внатрешни работи, согледано од секојдневните полициски билтени што ги објавуваат оттаму.
Само на деветти месецов, од страна на Одделението за криминалистичка полиција – Отсек за економски криминалитет, беше извршена контрола на автобус на туристичка агенција што патувал на релација од Македонија кон Германија, при што од вкупно 50 патници што се превезувале, кај 19 полицијата открила 19 фалсификувани ПЦР-тестови.
– По извршени проверки на тестовите било констатирано дека станува збор за фалсификувани тестови, кои биле набавени од едно лице од Струмица, по цена од илјада денари по тест.
Уште поголем проблем е тоа што во оваа криминална мрежа има инволвирани и медицински лица, кои за брз профит издаваа лажни негативни тестови.
Во март годинава, СВР-Тетово поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Гостивар против лекар од гостиварско Чегране, кој им издал лажни негативни ПЦР-тестови на лица на кои им биле потребни за патување во странство. За тестовите им наплатил по 1.500 денари.
– Е.М. (45) се сомничи дека на 7 и 9 март, како лекар во гостиварската општа болница „Ферид Мурад“ на две лица им изготвил лажни негативни ПЦР-тестови, кои им биле потребни за патување во странство и им наплатил 3.000, односно 1.500 денари или вкупно 4.500 денари – изјавија од МВР.
Забележана беше дури и злоупотреба на имињата на лабораториите што прават тестирање за ковид, па беа користени нивните потврди за изработка на негативни и лажни.
Исто така во март годинава, три лица беа обвинети за користење лажни ПЦР-тестови со кои сакале да ја напуштат државата. Лицата беа со турско и швајцарско државјанство, а при пасошка контрола на меѓународниот аеродром „Скопје“, за да излезат од државава, прикажале лажни потврди за негативни ПЦР-тестови за коронавирусот.
Иако воопшто не се тестирале во наведените лаборатории во Скопје и знаеле дека потврдите се лажни, тие ги прикажале сертификатите како вистински пред овластените службени лица.

ЦЕЛА ЕВРОПА СТРАВУВА ОД ФАЛШ ДОКУМЕНТИ ЗА КОВИД

Феноменот со лажните тестови за утврдување на инфекцијата од ковид-19, освен во Македонија, е проблем и во странство каде што исто така се фалсификуваат медицински документи, а доказ за тоа се и информациите од меѓународните институции. Неодамна Интерпол информира дека биле запленети илјадници фалсификувани медицински производи, средства за дезинфекција и 17.000 лажни теста за ковид-19. Генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток, изјави дека додека земјите во светот продолжуваат со борбата против ковид-19, криминалните мрежи се обидуваат да профитираат од случувањата и дистрибуираат потенцијално здравствено опасни производи за луѓето.
И Европол целава измината година предупредува дека доста сериозен и голем е проблемот со лажни тестови.

ЛАЖНИ СЕРТИФИКАТИ

Расте и побарувачката на лажни сертификати за вакцинација против ковид-19 и тоа не само во земјава туку и во светот.
Оние што не сакаат да се вакцинираат или поради други причини не можат да се вакцинираат, на големо побаруваат лажни сертификати, кои би им ги отвориле вратите насекаде.
Дека тоа е така и во земјава, говори и потврдата од страна на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во изјава на едно телевизиско гостување.
Тој во август годинава истакна дека до МВР веќе се пристигнати пријави за лажни сертификати за вакцинација против ковид-19.
Според него, секогаш постои група луѓе што бараат начини како да ги заобиколат правилата, со што директно го загрозуваат здравјето на своите блиски.
Италијанската полиција летово информира дека фатила и стопирала серија онлајн измамници што продаваат лажни сертификати за вакцинација против коронавирусот.
Беа запрени десетина канали, кои преку апликацијата Телеграм воделе до анонимни профили на црниот интернет-пазар (дарк веб), преку кои се контактирало со продавачите на сертификати. Цените се движеле од 100 до 150 евра, во зависност од понудата. Некои понуди вклучувале сертификат за вакцинација и шишенце од вакцина, а на црната мрежа биле регистрирани повеќе од 250 илјади корисници.

[email protected]