Од утре ќе се дознае дали тричлениот судски совет при Кривичниот суд ќе го прифати обвинението на обвинителката Вилма Русковска во кое се опфатени Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Исто така, фокусот на Обвинителството е ставен на вториот дел од истрагата на милионскиот рекет. Овцинителката Русковска не открива во која фаза се наоѓа истрагата, ниту дали постои можност да се прошири на други лица. Засега се осомничени Боки 13, неговиот татко, Јасна Мандиќ, како и Фросина Ременски. 

Денеска во јавноста излегоа информации кои Обвинителството ги демантираше. Италијанскиот весник „Ла верита“ пишува дека премиерот Зоран Заев наводно барал од Шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал Русковска да се одблокираат 750-те илјади евра на градежниот бизнисмен Силјан Мицевски. Весникот пишува дека „притворањето на Фросина Ременски делува како битна амортизација со која Зоран Заев се обидува уште еднаш да се спаси од кривична одговорност“. 

Од Обвинителството ги демантираа овие наводи. Велат дека во моментот кога се случило одмрзнувањето на средствата Русковска воопшто не била шеф на Обвинителството, за некој преку неа да се обиде да влијае во случајот. Како невистинит го наведуваат и делот во текстот каде пишува дека Ременски се наоѓа во притвор, велејќи дека за неа се определени алтернативни мерки на обезбедување.

– Со објавување на ваков вид на текстови и тоа во странски медиуми се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животите на инволвираните лица и воопшто се отежнува текот на постапките – велат од Обвинителството.