По приведувањето на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кривичниот суд му одреди мерка куќен притвор. Рашковски е првоосомничен во случајот со набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци од 81.000 евра, кој никој не го користи. Приведен е и Даниел Станчев, сопственик на фирмата „Инвока груп“ од која е набавен софтверот.

Обвинителството донело наредба за спроведување истражна постапка против четири лица, за кои постои основано сомнение дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување.

Со дејствијата што ги извршил, првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени согласно прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 11.018.321 денари.

Надлежниот јавен обвинител, ценејќи дека постојат околности што укажуваат дека постои опасност од бегство, криење и влијание врз сведоци, достави предлог за определување на мерка притвор за двајцата првоосомничени.

Рашковски завчера поднесе и оставка од функцијата која неодамна ја доби – секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата. Премиерот Зоран Заев ја прифати оставката.