Кривичниот суд побара од Адвокатската комора, МВР и од Обвинителството да преземат соодветни мерки и да ги истражат елементите на закани и притисоци упатени кон судијата – поротник Лилјана Ивановска Кочкова од страна на адвокатите на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски и на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески во случајот „ТНТ“.

„Зачудува фактот што јавните закани-притисоци се генерирани од поединци кои се странки во судска постапка. Изненадува нивниот неетички и непрофесионален однос кој е без почит кон судот и е надвор од надлежностите на еден адвокат-бранител на обвинет. Притисок/закана со поднесување на кривична пријава кон судски поротник, кој активно учествува во водењето на судската постапка и учествува во носењето на одлуката, е сериозен акт и класичен пример на атак врз независноста и непристрасноста на судското одлучување, дотолку повеќе што во конкретниов случај заканата е генерирана од адвокат кој е учесник во истиот судски предмет во кој постапува нападнатиот судија – поротник“, се вели во соопштението.

Доколку странките имаат забелешки на работењето на судот, постојат правни лекови и законски инструменти со кои може да се побива судското постапување и судските постапки. Заканите и притисоците, особено во време на активна судска постапка, не смее и не може да биде опција во една демократска држава во која сите тежнееме кон владеење на правото.

„Општо познато е дека обврска на судијата – поротник е да ја извршува својата функција се додека не биде разрешен од страна на Судскиот Совет на РСМ што е во согласност со Законот за судовите. Во тој правец е и досега воспоставената пракса за разрешување на судии и судии поротници.

Како суд укажуваме дека ќе инсистираме на судење во разумен рок, што е законска обврска, но и интерес на обвинетите кои тежнеат да ја докажат својата невиност, како и на оштетените кои ги бараат своите права. Судењето во разумен рок е во интерес и на правната држава и владеењето на правото. Во правец на погоренаведеното е и Барањето да се продолжи мандатот на конкретниот судија поротник, бидејки нелогично е и неиздржано е поротник кој 2,5 години посветено учествувал во судската постапка, поротникот да се разреши поради протек на мандат, кое нешто би иницирало постапката да почне одново.

Имајки го предвид погоренаведеното очигледно е дека поединци/адвокати се вистински кочничари на оваа судска постапка, па дури во дадена ситуација може да се каже дека работат и спротивно на интересите на обвинетите. Во таа смисла судот го перцепира и инсистирањето на друг адвокат од истата постапка, кој и покрај фактот што тој лично во мноштво други судски постапки го користел исклучиво службениот јазик, чие активно користење е услов за добивање на адвокатска лиценца, согласно Законот за адвокатура, во оваа постапка инсистира да го користи неговиот мајчин јазик кој дури ни неговиот клинет не го разбира. Било какви отстапки од ЗКП, кој го регулира користењето на јазиците во судската постапка, може да повлече низа на опструкции во сите останати судски предмети во државата што може да доведе до колапс на правосудниот систем.

Ова обраќање на Кривичниот суд има една и единствена цел, а тоа е да се избегне вршење на опструкција во работата на судските предмети, кои се во завршна фаза и оневозможување да се одолговлечат судските постапки, во смисла на повторување или застарување на истите. Судот цени дека оваа пракса мора да престане и да се прекине, а цени дека на тој начин ќе се придонесе во реформирањето на судскиот систем“, се вели во соопштението.

По двете писма упатени на претседателот на Судскиот совет во врска со пензионирањето на поротничката во случајот ТНТ, адвокатот Јовица Страшевски, бранител на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски во овој процес, испрати отворено писмо до претседателот на Основниот кривичен суд, Иван Џолев. Писмото следува како реакција на Судот во кој се бара од институциите да се испита дали адвокатите во ТНТ се закануваат и вршат притисок на судиите.

„Писмата кои се испратени до судот и до судијата поротник не се никакви закани нити притисоци само се укажувања согласно важечките Закони во Македонија и истите се со една единствена цел за доследно почитување и владеење на правото“, се вели во писмото на адвокатот.