Полицијата поднесе кривична пријава против 53-годишник од Кичевско бидејќи не ги почитувал здравствените прописи за време на епидемијата од коронавирус.

Како што информираат од МВР, 53-годишниот жител на село Пласница на 16 март на граничниот премин „Табановце“, при влез во државата, своерачно под полна морална, материјална и кривична одговорност потпишал изјава дека доаѓа од Република Словенија и дека во времетраење од 14 дена во неговиот дом ќе спроведе задолжителна самоизолација.

Но, веќе два дена подоцна, на 18 март тој бил забележан како управува автомобил на регионалниот пат Македонски Брод – Кичево, по што полициски службеници го сопреле возилото.

Утврдено е дека пријавениот не се придржувал до одредбите во изјавата, ги прекршил мерките за самоизолација и постапил спротивно на прописите за спречување на ширењето на коронавирусот.