Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против В. Ј. (52) од Македонска Каменица поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.

Од 1.1.2017 до 31.12.2017 во Македонска Каменица таа како директор на детска градинка, без да спроведе постапка за прибирање понуди и спротивно на чл. 28 и чл. 100 од Законот за јавните набавки, во повеќе наврати без одлука и спроведена транспарентна постапка извршила набавка на стоки и услуги во вредност од над 500 евра во денарска противвредност, и тоа од повеќе правни лица во вкупна вредност од 271.649 денари, а во еден случај извршила делење на истородна услуга – превоз на деца, со што постапила спротивно на чл. 27 ст. 1 од Законот за јавните набавки и извршила набавка на услуга во износ од 35.047 денари. Со ова, пријавената, без да спроведе тендерски постапки, извршила набавка на разни стоки и услуги во вкупна вредност од 306.696 денари, со што повластила одредени правни лица да стекнат корист, соопшти МВР.