СВР Скопје – Единица за економски криминал поднесе кривична пријава против С.З.(39) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело примање поткуп и против М.Г.(54) од Прилеп, со живеалиште во Скопје, поради постоење основи на сомнение за примање поткуп во врска со кривично дело помагање.

Пријавените, вработени како контролори во Фондот за здравствено осигурување – Подрачна единица Скопје, во периодот од 16 до 19 декември извршиле контрола во приватна здравствена установа и по констатираните пропусти во работата, првопријавената од сопственикот побарале парична награда – поткуп од 30.000 денари за нив двајцата и за уште едно лице – контролор за да не му биде изречена санкцијата.

Второпријавениот, потоа, неколку пати телефонски разговарал со сопственикот на ординацијата и го договорил местото за примопредавање на паричните средства. Откако биле договорени деталите, вчера во ресторан на бул. Филип Втори Македонски оштетениот им ги дал побараните парични средства. Истиот ден лицата биле приведени, а при извршен преглед кај нив биле пронајдени паричните средства, соопшти МВР.