Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривични пријави против директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, и три други лица.

За нив постои основано сомнение дека сториле кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластувањето, измама на штета на средства на европската заедница, соизвршителство и несовесно работење во службата.

Покрај Димова, кривични пријави се поднесени и против З.З. во својство на управител и сопственик на Друштвото за трговија и услуги увоз-извоз „ВЕЗ трејд“ ДООЕЛ Скопје, А.Г. во својство на надворешен соработник во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и А.П. во својство на благајник во Агенцијата.

Четворицата се товарат дека причиниле штета од големи размери на доверените средства на европската заедница во вкупен износ од 25.334.543 денари.