Судија на претходна постапка постапувајќи по барања на Специјалното јавно обвинителство за привремено одземање на имот заради обезбедување во случајот „Империја“ определи привремени мерки и забрани отуѓување и располагање со уделите на правните лица за кои постои основано сомнение дека била прибавена имотна корист со кривичните дела за кои се води постапката, информираат од Кривичниот суд.

Воедно, како што велат од Судот, судија на претходна постапка, постапувајќи и по два предлога на надлежното обвинителство за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции на правните лица за кои постои основано сомнение дека со кривичните дела, лицата опфатени во конкретниот предмет, прибавиле имотна корист, судијата ги прифати предлозите и со решенија наложи на повеќе банки да го запрат одливот на парични средства од сметките на предметните правни лица.

Во однос на решенијата на судија на претходна постапка за определување мерки за обезбедување присуство во предметот означен како „Империја“, во текот на денот до Судот доставени се жалби од одбраната кои веднаш се испратени на одговор кај надлежното обвинителство, а по добиениот одговор Кривичниот совет дополнително ќе одлучува по истите, велат од Кривичниот суд.

Пет лица осомничени во случајот на Специјалното јавно обвинителство „Империја“ добија 30-дневен притвор. Во затворот „Скопје“ во Шутка се бизнисменот Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, како и Цветан Панделески и Тодор Мирчевски.

Во новата истрага на СЈО кривично се гонат вкупно 13 лица. Покрај петтемина кои добија притвор, осомничени во „Империја” се и Сашо Мијалков, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Сите се сомничат за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело во периодот од 2002 година до 2013 година.