Фото: Дарко Андоновски

Советот на јавните обвинители наредната недела ќе одлучува за расрешувањето на јавната обвинитека Катица Јанева, откако до нив беше доставен извештај на обвинителството за случајот „Рекет“, во кој се наоѓаат деталите од постапката. 

Меѓутоа, актуелно прашање во јавноста е кој ќе биде наследникот на Јанева и што ќе се случи со сите предмети кои се водат? Дали сепак ќе биде назначен заменик на Јанева како вршител на должност на функцијата додека не се донесе трајно решение, останува да се види. Предметите на кои работи Јавното обвинителство исто така треба да имаат разрешница.

Премиерот Зоран Заев рече дека мора брзо да се одговори на законот со назначување на вршител на должноста шеф на СЈО. Според обвинителката Лиле Стефанова, притворот на Јанева го кочи функционирањето на обвинителството и тоа се наоѓа во најтешкиот период од неговото создавање до денес. 

Таа исто така апелираше да се донесе што побрзо Законот за јавно обвинителство, како и да  нема прекин и попречување на постапките и предметите кои се водат.

Сомнежот за вмешаност на Јанева во предметот „Рекет“ го одложи судењето за предметот „Титаник“ кое беше закажано за денеска. Пратеникот Илија Димковски, кој е обвинет во предметот „Титаник“ се сомнева дека и некои други предмети на СЈО е можно да биле манипулирани од случајот „Рекет“, па според него, сите предмети треба да запрат.

Адвокатот на неколкумина од случајот „Титаник“, Димитар Дангов побара прекин на судењето за случајот сѐ до разрешувањето на „Рекет“, каде осомничената Јанева ги овластува сите други обвинители на Специјалното јавно обвинителство.