Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение до Основниот кривичен суд Скопје против косовски државјанин кој се товари дека при посета на затвореник донел дрога во затворот Идризово.

– Обвинетиот на 31 јануари во просториите на Казнено-поправната установа ‘Идризово’ во Скопје, при редовна посета на осудено лице, неовластено пуштил во промет наркотична дрога кокаин со нето-маса од 89,96 грама. При влезот во установата обвинетиот на затворскиот полициски службеник му предал пакет наменет за осуденото лице, во кој имало и една јакна. По извршениот претрес на пакетот, во внатрешниот џеб од јакната, во најлонско пакување обвиткано со селотејп, била пронајдена наркотичната дрога кокаин – велат од Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице, со оглед на тоа што и натаму постои опасност од бегство и можност тој да го повтори делото што му се става на товар.