Mафијашите можат да искористат каква било кризна ситуација за да профитираат

Со оглед на тоа што полицијата во Италија ги контролира почитувањето на карантинот и забраната за движење на луѓето поради пандемијата, на италијанската мафија сѐ потешко ѝ е да работи. Сепак, експертите сметаат дека мафијата е само притаена и дека се подготвува за враќање на пазарот

КОВИД-19 ФАТАЛЕН И ЗА ИТАЛИЈАНСКОТО ПОДЗЕМЈЕ

Италија сѐ уште бележи вртоглави бројки на жртви и на заразени од коронавирусот. Бројките секојдневно растат, а земјата повеќе од две недели е на врвот на листата на починати лица од заболувањето ковид-19. Целокупната земја стои. Работа нема, економијата тоне. Беспарицата зема сѐ поголем данок. Луѓето ги трошат заштедите, почнуваат да се грижат за сопствените животи и тоа не само од здравствен аспект туку и од економски. Фирмите не работат, бидејќи карантинот трае со денови. Сите се во загуба, па дури и италијанската мафија. Во овие тажни времиња кога човекот никогаш не бил послаб и поранлив и мафијата е на колена поради пандемијата на коронавирусот. Покрај познатата мафијашка фамилија Ндрангета, во Италија се познати и мафијашките организации Коза ностра, Камора, Сакра корона унита.

Со оглед на тоа дека полицијата во Италија ги контролира почитувањето на карантинот и забраната за движење на луѓето, на италијанската мафија сѐ потешко ѝ е да работи. Според полицијата, погодени се дури и бестрашните и недопирливи италијански мафијашки организации, почнувајќи од Ндрангета, водечката мафија за шверцување кокаин. Познавачите, пак, сметаат дека оваа нивна притаеност воопшто не треба да изненадува, бидејќи нивната отпорност не треба да се потценува. Сепак, експертите сметаат дека мафијата е само притаена и дека се подготвува за враќање на пазарот.
– Тие сфаќаат дека работата поради пандемијата ќе им биде погодена и само чекаат подобри времиња – изјавил Џузепе Говернале, челник на италијанската антимафијашка полиција. Според него, мафијата трпи затоа што и таа е во карантин како и обичниот народ. Забрането е движење за сите, без исклучоци.

– Постои стара сицилијанска поговорка што одговара на сегашната состојба, а таа вели: „Кучето се притајува, додека не помине поплавата“ – истакна Говернале.
Професорот по криминалистика Федерико Варес смета дека воопшто не треба да се мисли дека мафијашите се надлуѓе.
– И тие живеат во истиот свет како и ние, и доколку нашите животи се загрозени, во опасност се и нивните – истакнува Федерико Варес.
Сепак, според експертот за мафија и писател, Роберто Савиано, мафијашите можат да искористат каква било кризна ситуација за да профитираат и да ги наполнат сопствените сефови со пари.
– Ако поради временски долгиот карантин, дојде до состојба на недостиг од храна, лекови или бензин, кој друг би го водел црниот пазар за тие производи ако не мафијата – напиша тој.

Она што навистина го прават челниците на мафијата, е истражување и чекање нови можности за инвестиција по поминувањето на кризата со коронавирусот, во периодот на заживувањето на општеството. Во тој период, најверојатно, ќе се инјектираат милијарди евра за да ѝ се помогне на економијата од очекуваната голема рецесија, а италијанските мафијаши докажано се успешни во прибирање на јавните пари.
– Тоа за нив ќе биде голема можност, но ние сме свесни за тоа и ќе направиме сѐ за да го спречиме – истакна Говернале. Според него, италијанската полиција има искуства во наоѓање и искоренување на мафијашките пипала во јавните договори за проекти за обнова.
Никола Гратери, водечки истражувач против Ндрангета и главен обвинител, истакна дека рецесијата би можела да им се погоди на мафијашите и тоа на други начини. Сопствениците на многу компании, кои западнаа во сериозни тешкотии поради целокупната состојба со коронавирусот, веројатно ќе се обратат до мафијашките лихвари, што вообичаено завршува со нивна неможност да ги вратат парите, па да изгубат сѐ и целокупниот нивен бизнис да заврши во рацете на мафијашите.
– Тоа е сериозна закана за целокупното општество. Ако Владата не им понуди помош на компаниите и тоа сега, веднаш, а не за година, две, луѓето ќе банкротираат или ќе се обратат кај лихварите што е погубно – предупредува тој.

Организираниот криминал претежно заработува од дрога и проституција, а во
кризни времиња, луѓето помалку трошат на вакви работи

Гратери, исто така, изрази загриженост поради застојот во правосудството, бидејќи рочиштата на кои им се суди на мафијашите се стопирани поради пандемијата на коронавирусот.
Италијанскиот народ и властите се свесни дека пандемијата ќе остави големи лузни врз нацијата. Исто како и во минатите тешки времиња, за време на епидемијата на колера во 19 век или, пак, во Втората светска војна, мафијашите ќе се притаат, подготвувајќи го своето големо враќање назад.
Ограничувањето на движењето, придонесе полицијата месецов да го фати мафијашот Цезар Антонио Корди, кој беше во бегство од август и конечно да го изведе пред лицето на правдата. Полицијата забележала прекршување на карантинот од три лица. Доставувач на храна бил кај мафијашите и токму тој ги однел полицајците директно кај Корди. Италијанската полиција евидентира значителен пад на криминалот во првите три недели од март. Споредено со истиот период лани, забележано е намалување на криминалните дела дури за 64 проценти.

Организираниот криминал претежно заработува од дрога и проституција, а во кризни времиња, луѓето помалку трошат на вакви работи. Вирусот, исто така, е опасност и за нив. Во Италија се појавија разни информации дека криминалците веќе почнале да се занимаваат со продажба на заштитни маски, средства за дезинфекција и друга антивирусна опрема, која е во огромен недостиг. Во римското предградие Остија, фатен е член на локална мафијашка фамилија, како на црниот пазар продава заштитни маски. Сепак, сѐ уште нема докази дека мафијата почнала сериозно да се занимава со овој „бизнис“.

[email protected]