Според првичните информации, работникот В.К. починал откако блудожерот којшто го управувал се превртел во провалија, во рудникот за јаглен „Суводол“ на РЕК „Битола“. Како што истакна директорот на РЕК „Битола“, Златко Ќурчиевски работникот извршувал редовна работна задача – поместување на транспортна лента за јаловина. Трагичниот настан се случил во ноќните часови, во текот на третата смена. Ќурчиевски вели дека според првичните сознанија, биле запазени сите мерки за безбедност и заштита на работникот, а булдожерот бил во исправна состојба и со извршен редовен сервис во март оваа година.

В.К. бил вработен во РЕК „Битола“ од 2012 година. Тој бил искусен багерист и доста често пофалуван и наградуван. Важел за добар, професионален работник, посветен на работата за што во 2018 година бил унапреден два степени погоре. Вработените во РЕК „Битола“ денес тешко ги погоди информацијата дека рано изутрината околу 2 часот, загина нивниот колега, ракувач на булдожерот ТД 40.

Имајќи во предвид дека рудникот „Суводол“ неодамна беше погоден од елементарна непогода, надлежните уверуваат дека несреќата не била директно поврзана со санационите активности што таму се изведуваат.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски најави дека ќе се формира комисија која ќе го истражи настанот и ќе се земат предвид сите околности. Тој нагласи дека при несреќата немало други присутни работници.

– Настанот е случен во движење, на место оддалечено од другите работни позиции и тоа уште повеќе ни отежнува во овој момент за да дознаеме која е вистинската причина за оваа трагедија – вели Ковачевски.

По итниот состанок на Управниот одбор на АД ЕСМ и стручниот колегиум на РЕК „Битола“, Ковачевски изрази длабоко сочувство до семејството на починатиот.

– Дозволете ми да изразам најдлабоко сочувство до најблиските на починатиот работник. Загубивме чесен и вреден работник, често наградуван, кој беше пример и беше секогаш на ниво на своите задолженија. Како компанија ќе преземеме се да му помогнеме на семејството и неговите најблиски во овие најтешки моменти за нив и ќе бидеме тука и во иднина – изјави Ковачевски.

Полиција, истражен судија и обвинител, извршија увид на лице место, по што ќе бидат утврдени околностите во кои се случи несреќата. Телото на покојниот е предадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.

Инаку ова е петта несреќа во РЕК „Битола“ со трагични последици од 2003
година. М.М.