Според извештај на мвр

Воглавно Македонија се користи како транзитна земја за кокаинот и во помал број случаи како крајна дестинација. Заплената на наркотични средства минатата година е најголема во последните десет години

Кокаинот е една од најскапите нелегални дроги, а тоа го потврдуваат и наодите од последната „Глобална анкета за лекови“. Таа укажува дека еден грам кокаин чини околу 80 американски долари. Токму поради високата цена целната дестинација на оваа дрога не е Македонија, туку низ земјава таа само транзитира за да стигне до западноевропските земји. Високата цена го прави кокаинот помалку застапен за македонскиот пазар, кој истовремено претставува мал пазар за ваков вид дрога, па токму затоа Македонија се користи само како земја низ која оваа дрога само поминува. Иако оваа дрога не е наменета за нашите простори, сепак во изминативе години се појавуваат криминални групи што сакаат да го искористат нејзиното транзитирање и да заработат од продавање.

Светските анализи покажуваат дека производството и дистрибуцијата на кокаин во светот годинава, во однос на претходните, е на највисоко ниво. Според „Анализата за кокаин“ на УНОДЦ, со кокаинот и понатаму се тргува првенствено од Јужна до Северна Америка и Западна и Централна Европа, но правците на шверц со други подрегиони се зголемуваат. Податоците за заплена укажуваат дека кокаинот повеќе се извезува од земјите кај Андите до главните потрошувачи на пазарите во Северна Америка и Западна и Централна Европа. Иако запленетите количества во другите подрегиони се релативно мали, сугерираат дека трговијата на овие подрегиони може да се зголеми брзо. Во некои земји во тие подрегиони, властите што го спроведуваат законот сепак не се доволно запознаени со трговијата на кокаин, па затоа тие повеќе се фокусирани на другите дроги. Токму затоа во овие региони може да се одвива позначителна трговија. Кога станува збор за Македонија ситуацијата е малку поразлична, маршрутата или ја заобиколува или ја изминува земјата. Иако нашата земја нема толкава можност за користење на кокаинот, некои криминални банди се обидуваат да направат бизнис од оваа дрога.

Во мај годинава Министерството за внатрешни работи, во тесна координација со Основното јавно обвинителство, спроведе полициска операција со која сузби четиричлена организирана криминална група инволвирана во организирање набавка на кокаин и негова дистрибуција и продажба на повеќе различни локации во Скопје и други градови во државата. Во извештај на МВР беше наведено дека за време на спроведувањето на криминалистичкото истражување, биле обезбедени голем број материјални докази и биле документирани голем број купопродажби на кокаин од менаџери на кафе-барови, ноќни клубови и ресторани, адвокати, директори, банкари и вработени во јавна администрација. Во оваа акција од слобода беа лишени 12 инволвирани лица. Во истрагата имало докази дека овие лица преку продажбата на кокаин стекнале големи износи парични средства, кои ги инвестирале во купување луксузни моторни возила, станови и изградба на куќи.

При извршените претреси, во акцијата биле пронајдени и привремено одземени: кокаин, парични средства, пет луксузни патнички возила, две пушки и муниција, два панцира и повеќе мобилни телефони. Одземени биле 6.300 швајцарски франци, 150 американски долари, 150 евра и 28.500 денари. Документирано е и дека оваа група во текот на своето дејствување користела насилство и закани кон лица-корисници на кокаин, кои навремено не плаќале за набавената дрога. Сепак, до ден-денес ниту се објавени имињата на шверцерите и консументите, ниту пак Јавното обвинителство има поднесено некакви обвиненија. Целиот тој настан, целата таа акција како да се покрија со прашина.

Според МВР, заплената на наркотични средства минатата година е најголема во последните десет години. Според годишниот извештај на МВР, во 2018 година, во Македонија биле запленети 586.69 грама кокаин. Тоа претставува пораст од 122 отсто во споредба со 2017 година.

– Македонија се користи, пред сѐ, како транзитна земја и во помал број случаи како крајна дестинација. Во 2018 година, за одбележување е реализацијата на МВР во која е сузбиена организирана криминална група и е спречен меѓународен транспорт на течен кокаин од Перу, чија крајна дестинација била Црна Гора, а мерки на прогон се преземени против двајца државјани на Црна Гора и еден државјанин на Перу – велат од МВР.

Во оваа акција беше сузбиена тричлена меѓународна група, која неовластено организирала пренесување и продажба на кокаин. Двајца Црногорци купувале кокаин од непознато лице од Перу. Целта била да се купи и да се пренесе кокаин од Перу до нашата држава, а потоа преку косовска територија тој да стигне до Босна и Херцеговина. За да има непречено пренесување, дрогата била хемиски третирана, кокаинот од прашеста форма е претворен во течна состојба и со него биле потопени повеќе различни парчиња гардероба. При екстрахирање, од алиштата било утврдено количество од 976,69 грама кокаин.

Според Националниот институт за злоупотреба на дроги на Соединетите Американски Држави, кокаинот е еден од најчесто злоупотребуваните и недозволени дроги во САД, по марихуаната и хероинот. Се проценува дека бројот на жртвите од предозирање со кокаин е близу 10 проценти од сите примени лица во програмите за лекување зависности и злоупотреба на дрога, кои се јавно финансирани.