Според тврдењата на босанскиот весник „Независне“

Најголемиот дел од кокаинот вреден околу 51 милион евра запленет од страна на италијанската полиција во рамките на меѓународна акција, бил наменет за пазарот во БиХ, тврди босанскиот весник „Независне“.

Во меѓународната акција се опфатени повеќе лица од Италија, Црна Гора, Македонија и од БиХ. Станува збор за акција во која е пресечен голем синџир за организиран шверц на дрога, за кој први сознанија имала италијанската полиција, која ја следела пратката во соработка со колегите од другите држави.

Според сознанијата на весникот, на едно пристаниште во Италија, полицијата запленила неколку контејнери полни со кокаин што требал да биде пратен во Бар, Црна Гора, а потоа и во Македонија и во БиХ.

– Полицијата успеала да извади од контејнерите 970 пакети на дрога тешки вкупно 1.128 килограми, додека лажната пратка со околу еден килограм дрога ја запечатила заедно со систем за следење со цел да утврди за кого е наменето големото количество на наркотици – пишува весникот „Независне“ повикувајќи се на сопствени извори.

Во написот се додава оти шест камиони стигнале по пратката во Бар, од кои четири стигнале од Македонија по запечатените контејнери, не знаејќи дека полицијата ги следи. Во контејнерите бил единствено килограмот кокаин оставен од истражителите. Другите два камиони се упатиле во БиХ не знаејќи дека превезуваат празни контејнери, односно дека истражителите го следат нивното движење. Две лица се уапсени во БиХ во рамките на истрагата.

МВР неделава соопшти детали околу запленетиот еден килограм кокаин, по потекло од Колумбија, кој беше запленет во полициска акција во селото Крушопек во скопски Сарај. Кокаинот бил дел од многу голема количина дрога, чија крајна дестинација била Македонија. Приведени се четири лица и отворена е финансиска истрага за правното лице во чии простории е пронајдена дрогата.