Предметите што будат најголем интерес кај криминалците варираат од држава до држава / Фото: Игор Бансколиев

Според најновите анализи на Интерпол, многу е интересен феноменот на дислокација на криминалните активности на криминалците и криминалните организации чие тежиште за работа е кражби на движно културно-историско наследство. Имено, токму конфликтните зони (каде што се во тек воени и други судири или каде што постои нарушена политичко-безбедносна состојба) се во фокусот на криминалците, од што каде „најлесно го крадат и го шверцуваат одреденото културно добро“

КОНФЛИКТНИТЕ ЗОНИ СЕ БЕЗБЕДНО ПОЛЕ ЗА РАБОТА НА КРИМИНАЛЦИТЕ ЧИЈА СПЕЦИЈАЛНОСТ СЕ ПРЕДМЕТИ СО КУЛТУРНО-ИСТОРИСКА ВРЕДНОСТ

Нелегалната трговија со уметнички дела, историски артефакти, златни монети и со антички и религиозни предмети е доста честа активност на криминалните групи, кои од ваквите грабежи остваруваат голема нелегална добивка. Според анализите на Интерпол, криминалците ваквите кражби, по претходно детално собрани информации, најчесто ги реализираат во приватни домови на колекционери, но, сепак, не се исклучени ниту кражбите од музеите. Предметите што будат најголем интерес кај криминалците варираат од држава до држава, но, генерално, крадците најмногу се заинтересирани за уметнички дела, скулптури, статуи и религиозни предмети. Сепак, голем интерес кај нив побудуваат и артефактите, книгите, мебелот, монетите, оружјето, златото и среброто. Криминалците исто така се занимаваат и со откопување предмети од археолошки локалитети, а со тоа не само што го крадат културното наследство туку при кражбата и ги оштетуваат предметите, уништувајќи ја секоја шанса научниците да дознаат нешто повеќе за нив и за периодот во кој биле создадени. Во конфликтните зони, каде што нема ниту ред ниту поредок, криминалците лесно се договараат со локалните влијателни „големци“ (команданти на вооружени групи или банди, или пак со привремената администрација што ја контролира одредената територија) и многу лесно склучуваат корупциски договори за нелегална набавка и шверц на движни културни добра. Криминалците договараат дури и безбедносна заштита од страна на вооружените групи.

При голема акција на Интерпол се запленети артефакти украдени од земји што се во воен судир

Во почетокот на мај, кога всушност и се вжешти целокупната состојба со коронавирусот, Интерпол спроведе акција што резултира со откривање и запленување на повеќе од 19 илјади археолошки артефакти и други уметнички дела, а приведе 101 осомничено лице. Во овој случај предметите беа од завојуваните земји, односно предмети украдени од музеи и од археолошки локалитети.
Во акцијата, авганистанската царина заплени 971 предмет на аеродромот во Кабул, во момент кога тие биле подготвени да бидат пренесени во Истанбул. Шпанската полиција, пак, заедно со полицијата од Колумбија откри многу вредни колумбиски предмети, меѓу кои имаше и златни маски и неколку златни статуи и антички накит.
Полициски службеници од шест држави открија метални детектори, со што се докажа дека нелегалниот лов на богатство во Европа го достигнува својот врв.
Според анализите на Интерпол, криминалците и криминалните организации најчесто крадат културни вредности од конфликтните зони, но тоа не значи дека во другите земји нема таков криминал.
– Во изминатата декада во светот значително порасна деструкцијата на културното богатство во воените зони. Сето тоа беше проследено со организирани акции за крадење на културните богатства, илегална трговија и продажба на предмети што се дел од културната историја и идентитет на земјите – стои во соопштението на Интерпол.
На нишан на крадците се и вредностите што се наоѓаат под вода, како што се споменици, остатоци од бродови и артефакти што биле под вода стотици години. Голем интерес за криминалните организации што се занимаваат со крадење и илегална продажба на предмети од културно значење се и лажните предмети, кои забележително го преплавуваат нелегалниот пазар. Лажни уметнички дела и други предмети постојано се запленуваат од страна на полициите.

Каква е ситуацијата во нашата земја

За жал, ниту Македонија не е имуна и поштедена од ваков вид криминал. Пандемијата, мерките на изолација и воопшто кризата и кај нас предизвикаа попуштање на стегите во смисла на високото ниво на безбедност кај археолошките наоѓалишта. Неодамна нашата полиција приведе две лица и заплени златни монети.
– По добиени сознанија дека И.Н. од Прилеп, заедно со уште едно лице договорило продажба на златни монети на лице во Кочани, на регионалниот пат, на влезот на Кочани, полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност, во координација со СВР Штип, запреле возило „фолксваген“, управувано од И.Н., а сопатник бил Ш.С. од Кавадарци. При преглед на возилото, пронајдени се 16 златни монети – информираа од МВР.
Лицата беа приведени и задржани во полициската станица во Кочани, известен беше и јавен обвинител, кој одлучи лицата да се задржат за понатамошна постапка.
Исто така по оваа акција беше извршен и претрес на дом и други простории кај три лица Е.П. (43) од Кавадарци, Ш.С. (41) од Кавадарци и И.Н. (46) од Прилеп, а беа реализирани и претреси на уште две локации во Скопје и во Кочани.
– Во врска со овој кривичноправен настан, Министерството за внатрешни работи соработуваше и разменуваше дополнителни информации со Интерпол и со Европол – информираа од МВР.

Според членот 261, став еден од Кривичниот законик на Република Македонија, „тој што ќе купи, ќе прими во залог или на друг начин ќе прибави, прикрие или протури предмет или имот за кој знае дека е прибавен со кривично дело или она што е добиено за него со продажба или со замена, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“.
Ставот два од законот вели „тој што ќе го стори делото од став еден, а можел да знае дека предметот или имотот е прибавен со кривично дело, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“
Ставот три, по кој МВР ги гони горенаведените сторители, пак, вели дека „ако вредноста на предметот или имотот од ставот еден или два на овој е значителна или предметот или имотот е добро под привремена заштита или е културно наследство или уред или друг предмет од посебно значење за сигурноста на луѓето и имотот и сигурноста на јавниот сообраќај или објект на јавни инсталации или предмет во општа употреба, сторителот ќе се казни со затвор од три до осум години“.

[email protected]