Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, денес во Основното јавно обвинителство ја поднесе кривичната пријава против Димитрије Јовановиќ, управител на скопскиот кафе-бар „Интермецо“.

Кривичната пријава против Јовановиќ е поднесена за сторено кривично дело – симнување или оштетување на службен печат или знак што го ставило овластено лице заради осигурување на предмет или просторија.

– Општина Центар, на барање на жителите кои живеат во овој дел од општината, неколку пати претходно го опоменуваше и санкционираше кафе-барот „Интермецо“ за прекршување на Законот за заштита на животната средина во однос на надминувањето на дозволеното ниво на бучава. На кафулето „Интермецо“ досега поради гласна музика и бучава му беше изречена една мандатна глоба во висина од 6.000 евра, потоа откако кафе барот продолжи со непочитување на законските мерки, Општина Центар му изрече уште една глоба од 6.000 евра и му забрани да врши угостителска дејност во траење од 30 дена – се наведува во соопштението од Општината.

Во него се додава и дека откако локалот бил затворен, вработените незаконски ја тргнале службената пломба на влезот и веќе истиот ден „Интермецо“ продолжил со работа.

Кривичната пријава до ОЈО општината ја поднесува со цел обвинителството да ги преземе сите потребни дејствија во насока на утврдување на фактичката состојба со кршењето на законот од страна на кафе-барот.