Одбиена е жалбата на Катица Јанева со која бараше Апелациониот суд да ја ослободи од куќен притвор за да се брани од слобода.

Судискиот совет ја потврдил првостепената одлука што ја донесе кон крајот на ноември кога Јанева од истражниот затвор „Скопје“ беше преместена во станот на синот ѝ, каде што ја издржува мерката куќен притвор.

Поранешната обвинителка и натаму ќе биде без патна исправа, а државата не смее да ја напушти со лична карта. Останува и забраната што ѝ ја одреди судот, таа да не може да комуницира со лицата што се инволвирани во случајот „Рекет“.

Вишото јавно обвинителство испрати негативно мислење до Апелација за одбиеното барање на Јанева да се брани од слобода. Таа во затворот во Шуто Оризари беше од 21 август до почетокот на судските рочишта на 3 декември.

Следното рочиште за случајот „Рекет“ ќе продолжи на 20 јануари.