Македонија доби поддршка од Канада за прогресивните политики и европските и НАТО интеграции на средбата што ја оставрија претседателот на Владата, Зоран Заев и Стефан Дион, специјален пратеник на премиерот на Канада за Европската Унија и Европа.

На средбата е пренесена поддршка од канадскиот премиер Џастин Трудо и за напредокот во клучни области, како што се заложбите за владеењето на правото, економијата, одржлив развој на земјата.

Изразена е поддршка од Канада, како еден од најдобрите партнери на ЕУ, на евроинтеграцискиот процес на Македонија, откако Канада даде поддршка за членството на нашата земја во НАТО, преку веќе ратификуваниот Протокол за членство во НАТО.

На средбата е разговарано и за развој на економската соработка и за можноста за нови канадски инвестиции во државава. Во таа насока се разговара за зајакнување и подобрување на правната рамка што го овозможува тоа.

Заеднички е констатирано дека Македонија и Канада се пријателски земји, коишто споделуваат исти демократски и развојни вредности и дека тој потенцијал е база за проширување на соработката меѓу двете држави.