Кандидат за градоначалник на општина Новаци се обидел со автомобил да удри полицаец додека се движел кон стадион за да снима спот. Од друга страна, пак, тој пријавил во полиција дека бил спречен да снима спот од страна на возачот на актуелниот градоначалник на Новаци и еден полицаец.

Според информациите од МВР, вчера, В. Н. (50), кандидат за градоначалник на општина Новаци, пријавил дека околу 10.30 часот, од возачот на актуелниот градоначалник и В. Б. (46), полициски службеник во СВР Битола, бил спречен да замине во село Новаци и да снима спот на стадионот во селото.

Според пријавеното, додека се движел со автомобил, двете лица со возило му свиреле и се обиделе да го престигнат, но тој не застанал. Во врска со настанот, во 11.30 часот во СВР Битола возачот пријавил дека околу 10 часот, додека преземале службени дејства, В. Н., кој бил со возило, не застанал и продолжил со движење.

Како што е пријавено, на улицата Филип Втори Македонски со возилото се обидел да удри полициски службеник.

Околу 12.40 часот В. Н. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во врска со истиот настан, во 15.05 часот, во СВР Битола, Т. К., претседател на ФК „Новаци“, пријавил дека кандидатот за градоначалник В. Н. неовластено влегол во стадионот на ФК „Новаци“ да снима спот.

Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.