Криминалните кланови од Балканот ги користат Канарските Острови за да прошверцуваат кокаин во Европа. Според шпанските медиуми, тие купуваат килограм кокаин за 3.000 евра, а потоа го продаваат на Стариот Континент за повеќе од 25.000 евра.

Според весникот „Леџо Тенерифе“, алармот бил активиран на почетокот на август, кога шпанската цивилна гарда уапсила четворица членови на црногорскиот измамнички клан со повеќе од 400 килограми кокаин и 400.000 евра во готово, но и конфискувала бројни кодирани телефони и луксузни автомобили.

Наводно, групата направила увоз на големи количини дрога складирана во остави, во луксузни имоти, лоцирани главно во Тенерифе, од каде што била дистрибуирана во помали количини во Европа.

Иако Министерството за внатрешни работи не го откри потеклото на наркотикот, за да не се загрози понатамошната операција, се смета дека е испратен од Јужна Америка од граѓани на некои балкански земји, пишуваат шпанските портали.

Некои од нив анализираат дека бројот на „криминални емисари“ од Црна Гора, Србија и Албанија во Јужна Америка, кои организираат пратки на кокаин до европските дестинации на нивните криминални ќелии, се зголемил во последните години.

Тие, како што пренесуваат медиумите, биле задолжени лично да контактираат со локалните производители на наркотици за да обезбедат најдобра цена.

Албанскиот картел „Компанија Бело“, чиј лидер управува со операции од затворите во Еквадор, според шпанските медиуми се споменува како еден од најуспешните криминални кланови на тоа поле, а исто така е наведено дека албанските кланови доминираат во трговијата со кокаин во европските земји.