1. Орце Камчев, кој е петтообвинет во случајот „Плацеви на Водно“ понудил гаранција во недвижен имот од над милион и седумстотини илјади евра и готовина од 200 илјади евра. Неговиот адвокат, Еленко Миланов, рече дека сѐ уште немаат одговор од Основниот кривичен суд.

– Веќе подолг период имаме поднесено и гаранција во недвижен имот, онака како што обвинителството бараше, да не биде ниту од лица коишто се во постапката, иако сметам дека не постојат законски пречки неговата мајка, којашто е во постапката, да заложи сопствен имот, но почитувајќи ги барањата на обвинителството поднесена е и гаранција којашто би значела укинување на мерката притвор на г.Орце Камчев и негова понатамошна одбрана од слобода. Понуден е недвижен имот од нешто над милион и седумстотини илјади евра и готовински парични средства од 200 илјади евра, но на оваа понудена гаранција до овој момент и до оваа прес-конференција немаме одлука од Кривичниот совет на Основниот кривичен суд, до којшто истата е доставена – рече Миланов.

Адвокатот на Камчев повторно кажа дека здравјето на неговиот клиент е нарушено и поради тоа, како што кажа, тој треба да биде преместен во куќен притвор.

– Воопшто не се размислува за евентуална можност за укинување на таа мерка притвор и за почитување на неговата во овој момент нарушена здравствена состојба, за што постои обемна медицинска документација од повеќе стручни лица од Република Северна Македонија и од еминентни стручњаци од Република Словенија и исто така од Република Австрија. Во конкретниот случај, за неговата здравствена состојба постои и судско- медицинско вештачење од овластен вештак од областа на медицината, којшто исто така укажува на ризичноста на здравствената состојба на г. Јордан Камчев, што би укажувало на околноста дека од тие причини би требало да се интервенира и евентуално истиот во најмала рака да биде префрлен на издржување на мерка куќен притвор – рече Миланов.