Бизнисменот Орце Камчев одби да биде сведок во случајот „Меѓународен сојуз“ бидејќи бил нарушен неговиот кредибилитет. На ваквото барање се спротивстави обвинителката Ивана Трајчева и побара да биде сослушан, а судијката Софче Гаврилова-Ефремова прифати.

– Барам да бидам изземен од својството на сведок затоа што во околности каде што во државава се грубо крши законот од страна на Обвинителството и судот, мојот кредибилитет е нарушен и нема да бидам во корист на Обвинителството – рече Камчев.

Сепак, за Трајчева, притворот на Камчев нема поврзаност со овој случај.

– Денес, повиканиот сведок е тука во врска со предметното обвинение. Повикан е на околности колку е запознаен и дали е запознаен во врска со проектите на Меѓународниот сојуз. Притворот за друг предмет нема никаква врска со исказот и кредибилитетот. Таа постапка се разликува од оваа денеска. Доколку смета дека таму му се прекршени правата, треба тоа да го каже таму – рече Ивана Трајчева.

Судијката ѝ рече на обвинителката да го испраша сведокот.