Бизнисменот Орце Камчев по денешното сведочење за случајот „Рекет“ откако излезе од судот уште еднаш потенцираше дека Бојан Јовановски, Катица Јанева, но и обвинителката од СЈО Лиле Стефанова и братот на судијката Весна Димишкова, Васил се дел од злосторничко здружение кое изнудува пари. Тој рече дека секоја реклама што одела на 1ТВ била од рекетирани пари и дека нема да дозволи „неговото лице, лицето на неговите деца и семејство да го гаѓаат накази како Бојан Јовановски и Катица Јанева“.

Тој најави дека ќе поднесе повеќе тужби, и за тоа дека бил жртва на рекет но и граѓанска постапка против Јанева и Јовановски со која ќе си ги бара назад 1.5 милиони евра што им ги дал.

За тоа дали Катица Јанева е „мозокот“ на целата операција за изнуда на пари, Камчев вели дека тоа најдобро ќе се види и чуе од снимените материјали. Тој нема сознанија за вмешаност на политичари во овој процес.

– Јовановски и Јанева беа исклучително блиски. Веројатно ако се пуштат сите материјали во постапката, тоа ќе го чуете и видите. Таму е најголемиот проблем, што алчноста на Катица за пари беше клучна во оваа работа. Телевизијата беше алатка како потоа да ја зголеми моќта секојдневно повикувајќи функционери, судии, обвинители. Јовановски ги продаваше на бизнисмените сите тие луѓе како негови блиски пријатели, за да излобира, да не гони некого. Мислам дека, да не грешам душа, 99 отсто, моќта на Катица беше огромна, а Бојан е исклучително интелигентен човек и успеа тоа да го изменаџира, спакува и да ни го продаде тоа на нас – рече Камчев.

Сепак, како што кажа и на денешното сведочење, тој не може да ја обвини Јанева дека му нудела спогодба ниту пак својство на заштитен сведок.

– Ми нудеше Бојан Јовановски. Јас ја слушав Катица Јанева, дека таа со него разговара на телефон. Сум слушнал и за многу луѓе дека дале рекет. Отворете видете кој сѐ се рекламирал на 1ТВ со по 200 илјади платена реклама, што за Бојан Јовановски се нормални реклами, ќе ви стане јасно дека сите тие биле рекетирани, жртви на ова злосторничко здружение. Сите тие што платиле реклама на 1ТВ, сите тие биле на некој начин гонети од Јовановски и Јанева – рече Камчев.

Според него, случајот „Империја“ за кој тој е осомничен е класичен случај за перење пари и од него е произлезен и случајот „Рекет“.

– Јас сакам да докажам дека сум чист, ако утре има судски процес за „Империја“. Сакам да нагласлам дека тоа е случај отворен за изнуда на пари. Тоа го кажувам бидејќи и со начелното правно мислење на Врховниот суд СЈО не биле овластени тужители, бидејќи тоа се преземени предмети стари 18 години и затворени со обвинителски резулуции. Доколку сум сторил криминал, сигурно ќе излезам да одговорам пред јавноста – одговори Камчев на прашањето дали случајот „Империја“ е лага.

На прашањето како поранешната обвинителка од СЈО Лиле Стефанова е инволвирана во наводниот рекет, Камчев исто така даде изјава.

– Катица Јанева ѝ давала наредби. Доколку тие биле противзаконски, зошто Лиле Стефанова не ја пријавила Катица Јанева кај Љубомир Јовевски и да го испочитува Законот за јавно обвнителство? Ајде објаснете ми. Доколку тие наредби на Катица Јанева биле противзаконски и ја присилувала Лиле Стефанова да го прави тоа што го правела, зошто не го пријавила кај надлежниот обвинител? – рече Камчев.

За инволвираноста на судијката на претходна постапка, Весна Димишкова, пак, Камчев вели дека според него, ПИ-мерките кои му биле понудени од нејзиниот брат, ги предала токму таа.

– Улогата на судијката Димишкова е многу јасна. ПИ-мерките кои ми беа продадени од братот на судијката од кого се добиени? Мене ми понуди спогодба братот на мојата истражна судијка, за тоа има докази во Обвинителството. Со исти бројки, кои потоа ми ги нудеа Бојан Јовановски и Катица Јанева. Има посебни истражни мерки во копија и ви нуди спогодба дека доколку дојде до процес истите ќе бидат изменаџирани по скала на плаќање. Да сакав да поткупувам и рекетирам ќе платев на почетокот и немаше да има процес. Јас верував дека немам вина – додаде Камчев.