На скопскиот булевар „Србија“ утрово дојде до трагична сообраќајна несреќа во која животот го загуби 61-годишен скопјанец.

Како што информираат од МВР, во близина на железничкиот мост, камион марка „ман“ со приколка и скопска регистрација, удрил во 61-годишен пешак кој починал на местото на настанот.

Од полицијата утврдиле дека со камионот управувал 40-годишен велешанец.

По несреќата извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е дадено за обдукција.