Тешко е да се предвиди долгорочното влијание на пандемијата врз организираниот криминал, но, сепак, Европол врз база на досегашните економски кризи во 2007 и 2008 година може да извлече поуки и да посочи мерки за негово спречување

ЗАД НЕПОЗНАНИЦИТЕ НА ПАНДЕМИЈАТА

Земјите-членки на Европол прават анализи и го рангираат влијанието на пандемијата na коронавирусот во три фази: моментална состојба, среднорочно и долгорочно влијание. Извештајот напишан за таа цел ги анализира заканата и влијанието што ковид-19 ќе го има врз дејствувањето на властите во Европа. Европол исто така дефинира пет клучни фактори што влијаат на организираниот криминал за време на пандемијата и по нејзиното завршување.
Тешко е да се предвиди долгорочното влијание на пандемијата врз организираниот криминал, но, сепак, Европол врз база на досегашните економски кризи во 2007 и 2008 година може да извлече поуки и да посочи мерки за негово спречување, особено на сајбер-криминалот, на измамите и на фалсификувањето. Досега се виде дека организираниот криминал е доста адаптибилен. Криминалните групи успешно ја демонстрираа можноста да извлечат долгорочни придобивки од кризи.

ЛАБАВИ МЕРКИ, ЗГОЛЕМЕН КРИМИНАЛ

Среднорочните предвидувања се дека со олабавувањето на мерките и карантините, криминалната активност ќе почне да се враќа на своите претходни нивоа, со ист вид на дејствување како и пред почетокот на пандемијата. Сепак, таа многу веројатно ќе создаде и нови можности за криминогени постапки што ќе бидат реализирани до крајот на актуелната криза. Се очекува економското влијание на пандемијата и активностите на криминалците да стануваат очигледни.
Пандемијата и економското влијание од неа ќе направат значителен притисок врз финансискиот систем и банкарскиот сектор. Властите ќе мора будно да ги следат криминалните групи што ќе се обидат оваа криза да ја искористат за перење пари, а ќе се обидат да ги користат и офшор-компаниите што немаат никакви закони против перење пари.
Градежништвото и секторот за недвижнини ќе станат уште попривлечни за перење пари, и тоа преку инвестиции од страна на криминалните групи, со тоа што инвестициите ќе им бидат директно оправдување за трансмисија на финансиските средства.

Шверцувањето мигранти ќе се зголеми, бидејќи влијанието на корона-кризата не е само во европските земји туку и во земјите во развој. Тоа значи дека кризата уште повеќе ќе ги погоди овие земји, а продолжената економска нестабилност и постојаниот недостиг од можности во некои африкански земји може да предизвикаат наплив на мигранти кон Европа.
Економските тешкотии ги прават ранливите категории граѓани поотворени за прифаќање одредени понуди што во нормални услови не би ги прифатиле. Но во услови на ваква криза, тие би прифатиле поевтини фалсификувани производи или регрутирање за влез во криминална активност за лесна заработка. Многу е веројатно дека групите што се дел од организираниот криминал, како и мафијата, ќе ги искористат предностите на кризата и постојаните економски тешкотии со кои ќе се соочуваат финансиски послабите граѓани.

ШТО ПО ПАНДЕМИЈАТА

Според извештајот на Европол, неколку фактори ќе имаат сериозно влијание врз организираниот криминал. Тие фактори ќе го обликуваат криминалното однесување во иднина и ќе создадат дополнителни ранливости. Базирано на искуството стекнато од изминатите кризи, од суштинска важност е да се следат овие фактори за да се реагира навремено.
– Онлајн активностите во кои луѓето трошат повеќе време на интернет прекуден и навечер, па дури и работат онлајн за време на пандемијата, автоматски ги зголемуваат можностите за сајбер-напади, измами и други криминални дејства на интернет – се вели во извештајот.
Исто така, потребата од одредени производи, како што се производи за хигиена, ќе им ги отвори вратите на криминалците за можност за заработка преку продажба на фалсификувани производи и зголемување на измамите. Плаќањето онлајн, кое значително порасна за време на пандемијата, е одлична можност за лесна заработка на криминалните групи.
– Криминалните групи ги истражуваат новонастанатите околности од пандемијата. Целокупното влијание на пандемијата не само врз криминалот туку и врз самите општества сѐ уште не е во целост реализирано. Властите мора да бидат подготвени да одговорат на новите предизвици – истакна извршната директорка на Европол, Катерине де Бол.

[email protected]