Фото: Маја Јаневска-Илиева

На почетокот на месецов, Европол им даде поддршка на бугарските власти да соборат организирана криминална група што била вклучена во фалсификување валути и документи. Целата акција беше поддржана и од Американската тајна служба. За време на операцијата, полицијата успеала да открие и да демонтира една печатница во која криминалците фалсификувале валути во близината на бугарско морско одморалиште и две печатници во кои се печателе фалсификувани документи, лоцирани близу бугарските градови Пловдив и Шумен. Во Македонија полицијата има индиции дека овој вид криминал се реализира поинаку, односно во криминалот директно се вклучени вработени во институциите и наместо лажни, за одреден финансиски надомест, се издаваат вистински документи

ВНИМАНИЕ: ФАЛСИФИКУВАНИ ПАРИ, ПАСОШИ, ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ, ПЦР-ТЕСТОВИ И ЛАЖНИ МЕДИЦИНСКИ ПРЕПАРАТИ ВО ОПТЕК МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ И ИНСТИТУЦИИТЕ

Криминалните групи што се занимаваат со издавање лажни документи и со фалсификување пари не мируваат ниту за време на пандемијата во која сѐ застана. И покрај тоа што многу работи се забавија и буквално се стопираа, се чини дека криминалните организации во овој период најдоа голем број нови и инвентивни начини за целата ситуација да ја претворат во профитабилен бизнис. Насекаде низ светот се регистрираат разни измами, почнувајќи од лажни медицински препарати, па до документи и разни валути.

РАЗБИЕНА КРИМИНАЛНА ГРУПА ШТО ФАЛСИФИКУВАЛА ПАСОШИ И ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ ВО БУГАРИЈА

На почетокот на месецов, Европол им даде поддршка на бугарските власти да соборат организирана криминална група што била вклучена во фалсификување валути и документи. Целата акција беше поддржана и од Американската тајна служба. За време на операцијата, полицијата успеала да открие и да демонтира една печатница во која криминалците фалсификувале валути во близината на бугарско морско одморалиште и две печатници во кои се печателе фалсификувани документи, лоцирани близу бугарските градови Пловдив и Шумен.
Криминалната мрежа е осомничена дека фалсификувала и дистрибуирала валути, документи за идентификација и возачки дозволи.
Групата го промовирала својот квалитет со лажен бугарски пасош на познатиот американски актер Силвестер Сталоне. Фалсификуваниот пасош бил од висококвалитетна изработка со извонредно фалсификувани безбедносни маркери.
Истрагата покажала дека некои од осомничените што биле дел од оваа криминална мрежа биле поврзани со друга, која беше разбиена во 2018 година. Осомничените ја користеле истата локација што бугарските власти ја открија и во која ја разбија криминалната група во 2018 година. На денот на апсењата, Европол ги поддржа и романските власти, кои открија и разбија друга криминална група што работела со фалсификување евра.
Во акцијата биле извршени 30 претреси на локации и возила. Девет лица биле задржани во полициска станица, а шестмина биле уапсени. Запленети биле 3.528 фалсификувани банкноти во апоени од по 100 и 500 евра, со вредност од 417.128 илјади евра.

ВРАБОТЕНИ ВО МВР ИЗДАВАЛЕ ДОКУМЕНТИ БЕЗ ПОКРИТИЕ

Во Македонија овој вид криминал се реализира поинаку, односно, според повеќе индиции на МВР, но и пронајдени материјални докази за тоа, во криминалот директно се вклучени вработени од институциите и наместо лажни, за одреден финансиски надомест, се издаваат вистински документи.
На почетокот на месецов, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава против 36 лица, од кои осуммина вработени во МВР, поради основано сомнение дека сториле кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ по членот 353, „несовесно работење во службата“ по членот 353 и „фалсификување на службена исправа“ по членот 361 од Кривичниот законик, како и против 28 граѓани поради сомневање дека сториле поттикнување во извршување на наведените кривични дела.
– Пријавените службени лица вработени во Одделението за управни работи – Скопје искористувајќи ги својата службена положба и овластување за 28 граѓани, спротивно на законските прописи, без да имаат положено возачки испит и без потребната документација, извршиле електронско креирање документација со внесување лажни податоци, истата таа ја одобриле за изработка, по што им биле издадени возачки дозволи за управување моторни возила. По наредба на судија на претходна постапка, извршени се претреси во службените простории на Одделението за управни работи во домот на еден од осомничените, кој е лишен од слобода и задржан во полициска станица, од каде што ќе биде изведен пред надлежен судија од Основниот кривичен суд. Обезбедените материјални докази ќе му бидат предадени на јавен обвинител за понатамошна постапка. Осомничените службени лица се суспендирани од работните места и против нив ќе бидат поведени дисциплински постапки – информираа од МВР.

СО ФАЛШ ДОКУМЕНТИ ДО БУГАРСКИ ПАСОШИ

Во 2018 година, бугарската полиција уапси 22 лица што беа осомничени за фалсификување документи со кои Македонци, Молдавци и Украинци ваделе бугарски пасоши. Меѓу уапсените имаше и голем бројни функционери меѓу кои и претседателот на Државната агенција за Бугари во странство, Петар Харалампиев.
Во акцијата полицијата одзеде пет компјутери со официјални информации и документи. Според истрагата, за пет илјади евра се издавале документи со кои се докажувало бугарското потекло со кои, пак, можеле да се извадат бугарски пасоши. Неделно се издавале околу четириесетина вакви сертификати.

[email protected]