Над 120 лица имале само обид за самоубиство

Само во првите девет месеци од изминатата 2018 година, на територијата на Македонија, се случиле 97 самоубиства и 122 обиди за самоубиство. Ова го потврдуваат податоците од МВР, а според последните информации од Државниот завод за статистика на Република Македонија, во 2017 година се случиле 111 самоубиства. Од нив 79 биле машки, а 32 женски лица, а најголем дел се на возраст од 45 до 64-годишна возраст. Според статистиката од МВР, од 2001 до 2010 година, најчесто се самоубиваат луѓе со нервно растројство и болест. Исто така машките лица што се постари од 30 години се најчеста категорија што се одлучува на самоубиство.
Според Американската психолошка асоцијација, самоубиството претставува акт на убивање на себеси како резултат на депресија или друга ментална болест. Во САД, самоубиствата учествуваат со околу два процента од сите смртни случаи. Стапките се највисоки за мажите над 69 години, но се зголемуваат алармантно кај младите луѓе на возраст од 15 до 24 години. Според податоците и информациите за самоубиства, слична е ситуацијата и во нашата држава.

Да се одземе човечки живот претставува тежок и незамислив акт, но да се одземе сопствениот живот претставува акт против сопствените инстинкти за преживување. Затоа се поставува прашањето, зашто луѓето се одлучуваат на ваквиот чекор и си го одземаат животот. Според психолозите, самоубиствата најчесто произлегуваат од психолошки растројства и растројства на личноста.

– Најчесто обидите за самоубиство се јавуваат во состав на различни психолошки растројства, како клиничката депресија и бордерлајн-растројство на личноста. Сами по себе овие мисли не се растројство или синдром туку се јавуваат само во состав на друга психопатологија. Како фактор може да се наведат и дефицит на хормонот серотонин, злоупотребата на алкохол и дрога, користење одредени медикаменти, траума, фамилијарен историјат на самоубиство итн. Особено е важно да се направи разлика помеѓу самоубиствените мисли како симптом во депресивното растројство наспроти бордерлајн-растројство на личноста, но и во обата случаи е неопходна помош од професионалец. Кај личностите со гранично растројство, обидот за самоубиство се јавува само како повик за внимание без вистинска намера да се одземе животот, но и покрај тоа голема е можноста за самоубиство кај овие личности и мошне честа, како резултат на „себеповредувачкото“ однесување – вели Јасмина Јонуз, магистерка по советодавна психологија.

Ризик-фактори за самоубиство престануваат: претходни обиди за самоубиство, историја на самоубиство во семејството, злоупотреба на психотропни супстанции, ментални нарушувања и нарушувања на расположението, загуба од некаков вид, како на пример, раскинување врска, смрт на ближен, академски неуспеси, правни тешкотии или финансиски тешкотии, како и хронични физички болести, вклучувајќи хронична болка, историја на траума или злоупотреба и социјална изолација. Но во заднината на самоубиствените мисли најчесто стојат екстремна неудобност, неиздржлива емоционална болка и неподносливо страдање, на кои очајнички е потребно да им се стави крај. Во основа, луѓето што си го одземаат животот не сакаат да умрат, туку сакаат да ги запрат големата болка, страдање и притисок што ги чувствуваат, а самоубиството го гледаат како единствена опција, велат психолозите. Дури и најтешките случаи имаат измешани чувства во однос на смртта и до последен момент имаат внатрешен конфликт во однос на тоа дали сакаат да живеат или да умрат. Погрешна е претпоставката дека ако некој решил да се убие, ништо не може да го запре. Ако ваквото лице е во депресија повеќе од половина година, многу би му помогнала посета на психолог.

– Самоубиствените мисли и обидот за самоубиство се едни од симптомите на клиничка депресија. Секако, потребно е да се земе предвид времетраењето на симптомот и честотата на појавување на овие мисли и обиди за одземање на животот. Освен психолошка поддршка, при вакви симптоми, неопходни се и помош од психијатар и медикаментозна терапија. Самоубиствените мисли треба да бидат сфатени сериозно од професионалците и без исклучок лицата што имаат суицидални, односно самоубиствени мисли и обиди за самоубиство да бидат препратени и на психијатар.

Да, психотерапијата како алатка е мошне успешна при разни психолошки растројства, но кај обидите за самоубиство неопходна е помош и од психијатар. Тие никогаш не треба да бидат потценети, без разлика дали станува збор за упатување од страна на блиски личности од околината на лицето, матичен лекар или психолог. Важно е лицето секогаш да се упати и на психијатар за да ја добие потребната терапија.

Самоубиствените мисли кај личноста може да се појават и независно од социокултуролошката заднина, економската самоиздржливост и степенот на образование на лицата што се соочуваат со нив. Тие не треба да бидат стигматизирани, отфрлени од околината, туку напротив да им се понуди помош и да им се овозможи да се вратат назад во вообичаеното секојдневно функционирање – вели психологот Јасмина Јонуз.