Основното јавно обвинителство Скопје на Основниот кривичен суд му предложи на три лица од скопската населба Сингелиќ да им бидат изречени парични казни од по 5.000 евра поради непочитување на полицискиот час.

– Обвинетите на 13 април околу 22 часот, во скопско Сингелиќ биле затекнати надвор од нивните домови, без да поседуваат дозвола за движење, со што ја прекршиле Одлуката за забрана и посебен режим за движење – информираат од Обвинителството.

По насоки на јавниот обвинител, Министерството за внатрешни работи постапува за идентификација на останатите лица кои на 13 април во знак на протест излегоа на улиците на Сингелиќ и го прекршија полицискиот час.

Откако МВР ќе го документира целиот кривично-правен настан и ќе поднесе кривична пријава, Основното јавно обвинителство Скопје со приоритет ќе постапи согласно Законот за кривична постапка, соопшти Обвинителството.