Адвокатите на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Ирена Фрчкоска и Дељо Кадиев по четиричасовниот увид во доказите за случајот „Рекет“ изјавија дека не им било дозволено да го видат исказот на Зоран Милески Кичеец кој засега е осомничен во случајот, но му беше укинат притворот минатата недела.

– Не ни беше даден на увид исказот на Милески. Има повеќе искази но ниту еден не видовме. Ние сметаме дека имаме право на тоа исто како што имавме право да ги видиме исказите од сведоците – рече Кадиев.

Како што информираа двајцата адвокати, увидот во доказите не е завршен и ќе продолжи утре и наредната недела. Тие исто така истакнаа дека се уште ги немаат видено пи мерките под кои била Јанева во текот на предистражната постапка.

Обвинителката Јанева денеска порано го напушти увидот поради дневниот ред и правилата во затворот Скопје во Шуто Оризари, давајќи им овластување на адвокатите сами да ги разгледаат доказите.

Обвинителката Вилма Русковска неделава ја извести јавноста дека официјално истрагата за случајот е завршена.