Адвокатот Дељо Кадиев, кој ја застапува Катица Јанева во случајот „Рекет“, по денешното рочиште констатираше дека нема ништо невообичаено во постапувањето на Јанева во предметот „Империја“. Овој став го кажа откако претходно за работењето во СЈО сведочеше обвинителката Елизабета Јосифовска, која е заменичка на Катица Јанева.

– Денеска беше сослушана обвинителката Елизабета Јосифовска. Сосема коректно си даде исказ како било работењето, односно она што може да го сведочи, какво било работењето во СЈО, како се добивале предметите на распоред. Како таа постапила по одредени барања поврзани со предметот ‘Империја’ и ние како одбрана сметаме дека се покажа дека ништо невообичаено немало во нејзиното постапување во поглед на овој предмет, како и воопшто дека нема ништо невообичаено во постапувањето по предметот „Империја“. Таков е нашиот впечаток, веруваме дека и судот истот впечаток ќе го има – рече Кадиев.

Обвинителката Елизабета Јосифовска во денешното сведочење за случајот „Рекет“ рече дека го потпишала позитивното мислење за враќање на пасошот на Јордан Камчев, обвинет во предметот на специјалното јавно обвинителство, „Империја“, по налог на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.