Фото: Игор Бансколиев

Правната држава мора да профункционира и во единиците на локалната самоуправа

Насилниот криминал во Македонија не мирува. Симптоматично е што полициските билтени сѐ почесто регистрираат случаи кога тој е насочен спрема оние што законски се овластени да се борат со криминалот. Имено, насилниот криминал не се повлекува дури и кога е директно насочен спрема полицајци што ја вршат својата професионална должност. А кога се вмешани во тоа и припадници на одредена агенција за обезбедување, тогаш појавата претставува сериозна општествена опасност.

Тежок инцидент со насилство во центарот на Струга

Речиси секојдневно во дневните билтени може да се забележи барем еден случај кога полициски службеници биле нападнати или навредувани поради преземање службени дејства. Забележен е еден пример што има кривичноправен карактер, настан што се случил на 12-ти месецов во Струга. Имено, таму полицијата го извлекла подебелиот крај, бидејќи била нападната од неколку лица. Еве што регистрира полицискиот билтен според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи.
– На 12.1.2021 полициски службеници од ОВР – Струга од слобода ги лишиле В.М. (34) од струшкото село Корошишта и А.Р.(53) од селото Велешта, бидејќи со уште две други лица во казино на улицата Нико Нестор во Струга физички ги нападнале вработените А.А. (24) од Струга и А.А. (26) од струшкото село Делогожда, а потоа и полициски службеници што преземале службени дејства. По расчистување на случајот, ОВР – Струга ќе поднесе соодветни пријави – наведено е во билтенот.
Бидејќи случајот предизвика исклучително внимание во јавноста, подетални информации за целиот настан „Нова Македонија“ побара од МВР и од Јавното обвинителство. Целта беше јавноста да добие што појасна слика, бидејќи повеќе граѓани на градот, вознемирени од настанот, се јавуваа во редакцијата, очекувајќи брза разврска на инцидентот со насилството во центарот на градот, а истото тоа да не заврши низ институционалните лавиринти, затоа што тоа би било лоша порака до сите граѓани.
Од Министерството за внатрешни работи ни дадоа кратка изјава.
– Во однос на вашето барање, ве информираме дека настанот е објавен на сајтот на МВР. За настанот е известен и ЈО и за сите понатамошни прашања, ве молиме да се обратите до надлежното јавно обвинителство – информираа од МВР.
Од Јавното обвинителство, пак, велат дека воопшто не е пристигната пријава за настанот. Еве каква изјава ни дадоа од обвинителството.
– Во Основното јавно обвинителство – Струга до овој момент не е пристигната пријава за настанот за кој прашувате. Министерството за внатрешни работи презема дејства, по насока на јавен обвинител, за документирање на настанот и собирање материјални и вербални докази, по што се очекува да биде поднесена соодветна кривична пријава за натамошно постапување – информираат од Јавното обвинителство.

Очевидци на тешкиот инцидент сведочат за загрозеност на институциите и на припадниците на МВР

Поаѓајќи од индикативноста, но и од противречноста на изјавите на надлежните институции, а водени од фактот дека станува збор за случај што несомнено е од јавен интерес, „Нова Македонија“ новинарски истражи и преку свој извор, кој бил сведок на целокупниот настан, доби подетални информации за тоа што точно се случувало на 12-ти месецов во Струга.
– Три лица во роднинска врска постојано прават проблеми во Струга. Вршат рекет низ градот. На 12 јануари го нападнаа обезбедувањето на едно казино, по што вработените во казиното пријавија во полиција. Полициски службеници пристигнаа, меѓутоа напаѓачите се вратија со уште неколку лица и ја нападнаа полицијата. Полицијата успеа да уапси едно лице, по што напаѓачите успеаја да го земат уапсениот назад. Во нападот полициски службеници и вработени добија повреди, за што извадија и лекарски потврди. Потоа напаѓачите избегаа. Едно лице од нив осум дена беше во бегство, а другите беа повикани на разговор во полиција. Јавниот обвинител даде насоки да се одреди притвор за бегалецот, кој по осум дена со адвокат се пријави во полиција, по што надлежните го пуштија на слобода.

Снимки има од настанот од казиното и тие им се предадени на надлежните, така што не постои можност за напаѓачите да менуваат изјави или, пак, да вршат друго влијание, бидејќи сѐ што се случи има на видеоснимките – вели изворот за „Нова Македонија“.
Ваквите случаи во кои неколку лица се однесуваат како локални шерифи и вршат терор низ градовите мора да се решаваат и тие да се изведат пред лицето на правдата, апелираат граѓаните.
– Ние не можеме и не смееме да живееме во постојан страв и под постојани напади од неколку лица што сметаат дека законот не им може ништо. Се надеваме на брзо решавање на случајот и негова разврска во интерес на јавноста и правдината – едногласни се нашите соговорници. Ц.Х.