Фото: Маја Јаневска-Илиева

Надлежните служби во Министерството за внатрешни работи во континуитет спроведуваат контроли и преземаат конкретни мерки и активности за спречување незаконит риболов, при што во текот на 2020 година, покрај горенаведените случаи, во водите на Охридско Езеро се пронајдени и одземени 614 парчиња разновидна рибарска мрежа, пловни објекти, весла и слично, како и 244 килограми разновидна риба, велат од Министерството за внатрешни работи

РИБОКРАДСТВО СО ЕПИДЕМИСКИ РАЗМЕРИ

Се чини дека во земјава залудно се воведуваат периоди во кои е забрането да се врши риболов, бидејќи речиси нема ден кога во водите на трите езера во земјава нема противзаконски поставени рибарски мрежи. Најголема жртва на рибокрадството е Охридско Езеро и неговиот рибен фонд, но од стрвните раце на рибокрадците не изостануваат ниту Преспанско и Дојранско Езеро.

ПОДНЕСЕНИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ПРОТИВ 11 СТОРИТЕЛИ ЗА НЕЗАКОНИТ РИБОЛОВ

Последниот случај во низата случаи на рибокрадство беше забележан неодамна во водите на Дојранско Езеро. Полициските службеници од полициската станица за граничен премин Стар Дојран и од Стар Дојран, додека вршеле контрола во реонот на селото Николиќ, кое важи за едно од поатрактивните туристички места во овој град, пронашле дури девет фрлени мрежи во водите, и покрај тоа што во сила е забраната за риболов.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во текот на 2020 година и во периодот од јануари до април 2021 година се откриени пет случаи на незаконит риболов, за кои полицијата, откако презела мерки и активности, поднела кривични пријави против 11 сторители за сторени пет кривични дела „незаконит риболов“.
– Четири од делата се регистрирани на подрачјето на СВР Охрид, при што кривично се пријавени десет сторители што вршеле незаконит риболов во водите на Охридско Езеро, а едно дело е сторено со поставување рибарски мрежи во водите на Дојранско Езеро.
Во три од случаите сторителите се откриени додека се наоѓале во езерските води, додека во преостанатите два случаи сторителите се затекнати во близината на брегот на Охридско Езеро – информираат од Министерството.
Оттаму додаваат дека по преземените мерки и активности во однос на реализираните случаи, запленети се околу 102 килограми рибни сортименти (пастрмка, крап, белвица, грунци, мрена, клен), како и риболовни мрежи, вреќи, пловни објекти, риболовен алат.
– Надлежните служби во Министерството за внатрешни работи во континуитет спроведуваат контроли и преземаат конкретни мерки и активности за спречување незаконит риболов, при што во текот на 2020 година покрај горенаведените случаи, во водите на Охридско Езеро се пронајдени и одземени 614 парчиња разновидна рибарска мрежа, пловни објекти, весла и слично, како и 244 килограми разновидна риба – велат надлежните.

НАЈМНОГУ НА УДАР Е ОХРИДСКИОТ РИБЕН ФОНД

Неоспорлив факт е дека рибниот фонд во Охридско Езеро трпи ненормално огромни загуби заради немилосрдното ловење на пастрмката, особено во време на мрест, кога таа е полна со икри и млеч.
Дури и слободните нуркачи и активисти за заштита на рибниот фонд, самостојно се обидуваат да ги ослободат рибите што беспомошно лежат фатени во фрлените рибарски мрежи, додека се во време на мрест. И нивните активности се за огромен поздрав, но, сепак, тие не се доволни за да се спаси рибниот свет од лакомите раце на рибокрадците, бидејќи тие не можат физички да ги отстранат фрлените мрежи колку што криминалците можат да ги фрлат во огромни броеви.
Се чини дека се залудни многубројните акции на полицијата, бидејќи рибокрадците воопшто не се исплашени од нив. Кражба на риба има многу често, а за жал и во голем број.
Штетата, за жал, никој не може ниту да ја претпостави ниту да ја замисли, бидејќи, да бидеме реални, којзнае колку риби завршиле фатени во мрежите и којзнае колку од нив биле шверцувани во Албанија, колку од нив завршиле на домашниот пазар, а колку завршиле во приватни нелегални мрестилишта.
Само во периодот од јануари до средината на февруари регионалниот центар за гранични работи Запад спроведе низа мерки и активности за откривање и спречување прекуграничен криминал по вода, незаконски риболов, како и откривање прекршоци од Законот за рибарство и аквакултура и од Законот за внатрешна пловидба, при што беа запленети разновиден риболовен алат и нелегално уловена риба.
Како резултат на 17 патролни служби (самостојно и заеднички со Државниот инспекторат за земјоделство), откриени беа четири прекршоци од Законот за внатрешна пловидба, пронајдени беа 34 разновидни рибарски мрежи, со вкупна должина од 1.800 метри, 150 парчиња риба (охридска пастрмка, белвица, мрена, и др.), со вкупна тежина од 13 килограми.
Акциските контроли се реализираат и на копно, за да се фатат риби при транспорт во возила. Вакви акции се реализирани во Пештани, Радожда, Трпејца, а во водите на Охридско Езеро се фатени и двајца албански државјани во незаконски риболов.

ЛАНИ РЕАЛИЗИРАНИ 150 АКЦИСКИ КОНТРОЛИ

Минатата година на охридско-струшкото крајбрежје биле реализирани околу 150 акциски контроли за спречување на рибокрадството.
Како што на почетокот на годинава информираа од СВР Охрид, во контролите се затекнати повеќе лица при вршење незаконски риболов, три се приведени, а против десет лица се поднесени четири кривични пријави за незаконски риболов. Пронајдени се и одземени околу 300 парчиња разновидна риба, во вкупна тежина од 101,882 кг, од кои: 41,62 кг охридска пастрмка; 48,504 кг охридски крап; 10 кг белвица; 1,4 кг грунец, клен и мрена. Притоа, одземени се околу 250 рибарски мрежи, во вкупна должина од околу 23.000 метри, неколку метални чамци, како и друга разновидна рибарска опрема. Рибниот улов заедно со мрежите бил предаден во јавната научна установа Хидробиолошки завод – Охрид.

[email protected]