Во извештај на Интерпол се повикуваат земјите заеднички да соработуваат во следењето на овој вид криминал, кој добива сѐ пошироки размери. Интерпол бара надлежните да станат поактивни во следењето на отпадот, да ги скенираат ризиците и да вршат финансиски истраги зашто таму се вртат големи нелегални пари

Малку познат, а раширен вид криминал

Новиот извештај на Интерпол за менаџирањето со пластичниот отпад во светот, покажува алармантно зголемување на илегалното загадување низ светот. Во извештајот насловен „Стратегиска анализа за појава на криминални трендови на глобалниот пазар на пластичен отпад од јануари 2018 година“ се наведува дека во изминатите две години е забележан значителен пораст кај нелегалните испораки, особено во Југоисточна Азија каде што преку повеќе транзитни земји се камуфлира потеклото на отпадот.
Извештајот говори и за други појави што се однесуваат на зголемувањето на нелегалното палење на отпадот и депониите, особено во Европа и во Азија. Забележлив е значителен пораст на употребата на фалсификувани и лажни документи за регистрации на отпади. Врз основа на изворите на Интерпол и разузнавањето од 40 земји, извештајот дава сеопфатна глобална слика за појавите на трговијата со пластичниот отпад, трасата на движење и заканите предизвикани од криминалот на пазарот со истиот тој. Тешкотиите во справувањето со пластичниот отпад, кој го има во енормни количества, нашироко им ги отворија вратите на криминалците

Заради заработка се увезува отпад

Извештајот на Интерпол ја нагласува поврзаноста помеѓу криминалните мрежи и легитимните бизниси за управување со отпад што се користи како покритие за нелегално работење, при што криминалците честопати прибегнуваат кон финансиски криминал и фалсификување документи за да ги извршат глобалните операции што им носат финансиска заработка.
Еден од сепаратите во извештајот опишува случај на еден градоначалник во мало француско гратче, кој бил убиен додека се обидувал да спречи нелегално користење отпад во неговиот град. Со тоа се покажува дека криминалните групи бескрупулозно работат за да ги остварат своите активности од кои заработуваат, па доколку некој им се испречи во работата, не се колебаат да го ликвидираат.
Минатата година во мај, властите на Малезија започнаа процес на враќање речиси четири илјади тони пластичен отпад во тринаесет земји, што е знак дека оваа земја е решена да се справи со нелегалната трговија со отпадот, кој криминалните групи на нелегален начин го внеле во земјата. Малезија се соочува со наплив на нелегално прошверцуван отпад од Европа и во Северна Америка од 2018 година, кога Кина ги затвори вратите за увоз на отпад за рециклирање во обид да ги заштити својата земја и околината од загадувањето предизвикано од пластичниот отпад.

– Кинеската влада е посветена на борбата против криминалот со пластичниот отпад. Во последниве неколку години го сменивме законодавството за негово решавање, воспоставувајќи посилни административни процедури и започнувајќи национални кампањи за справување со отпадот, особено затоа што криминалните групи работат прекугранично – истакнал кинескиот шеф на Националното централно биро на Интерпол и заменик-генерален директор на Одделот за меѓународна соработка.
Тој ја повика меѓународната заедница да работи заедно и да ги искористи максимално меѓународните платформи како што е Интерпол во решавањето на колективните одговорности и постигнувањето заедничка цел, односно чиста и убава планета за идните генерации.

Закана за животната средина

Лошото управување со пластичниот отпад ѝ штети на животната средина, со што се уништува не само земјата туку и реките и океаните во светот. Се верува дека пластичниот отпад има огромен удел во климатските промени.
– Глобалното загадување со пластика е едно од најраспространетите закани за животната средина на планетата денес и неговото правилно регулирање и управување е од клучно значење за глобалната безбедност на животната средина – вели претседателот на советодавниот одбор на Комитетот за усогласеност и спроведување на животната средина на Интерпол, Калум Мекдоналд, кој исто така е извршен директор на шкотската агенција за заштита на животната средина.
Според него, извештајот ја посочува итната потреба од идентификација и процена на криминалците и на тоа како тие ги користат новите и актуелните мани на пазарот, со повик за зајакнување на акциите за спроведување на Законот за увоз и за извоз.

Во извештајот се повикуваат земјите заеднички да соработуваат во следењето на овој вид криминал. Надлежните да станат поактивни во спроведувањето на отпадот, да ги скенираат ризиците и да вршат финансиски истраги.
– Криминалот со отпадот претставува зголемена закана поради неможноста на државите правилно да управуваат со пластичниот отпад. Ние ги знаеме влијанијата на загадувањето врз морските екосистеми, потенцијалните негативни импликации врз здравјето на луѓето и сега веќе ги знаеме и криминалните импликации – истакна менаџерот на Светскиот фонд за справување со пластичен отпад, Ерик Линдеберг.

[email protected]